Стартува „Албанската академија на науки и уметности“ во РМ со „избор на 9 академици“ – се бара закон и финансирање како и за МАНУ!

„Албанската академија на науки и уметности во ****Македонија одлучи да ги избере и да ги промовира првите девет свои академици како дописни членови на оваа Албанска академија. Искажана е надеж дека албанскиот политички фактор во републичкото Собрание во блиска иднина ќе подготви Предлог-закон, со кој Албанците ќе имаат своја јавна институција иста како МАНУ, која ја финансираат сите граѓани, а во која има само 1 процент Албанци!“ – објавија информативната агенција ИНА и други медиуми на албански јазик во Македонија.

Инаку, Македонската академија на науки и уметности се означува како „столб на македонската држава“, а оваа „Албанска академија на науки и уметности“ бездруго ќе има некаков сличен, или ист „државотворен статус“. Во август годинава кога во Тетово беше основано „Академското здружение за наука и уметност на Албанците“ беше порачано дека на тој начин „се остварува долгогодишниот сон за албанскиот јазик, култура и цивилизација“. Тоа „Здружение“ сега е веќе „преобразено“ во „Албанска академија на науки и уметности во **** Македонија“, трета албанска академија во Балканскиот регион, заедно со академиите во Албанија и Косово.

Индикативно е што оваа паралелна албанска институција во Македонија стартот на своите активности го „официјализира“ со „промовирањето на првите девет албански академици во **** Македонија“ напоредно со барањето за отворање на македонскиот Устав и за „промена на 20-те проценти во врска со употребата на албанскиот јазик“. Односно, напоредно со барањето за уставниот статус на Албанците како „албанска државотворна нација во Македонија“, што е вистинската цел и вистинското барање на Албанците во Македонија, маскирано како да е, наводно, само во врска со третманот на албанскиот јазик во Уставот.

Во соопштението на оваа „Албанска академија на науки и уметности“ се наведува: „ Во звањето дописни академици се промовирани: д-р Џеладин Мурати, д-р Авзи Мустафа, д-р Тахир Зајази, д-р Зеќир Кадриу, д-р Сузана Алиу, д-р Неби Дервиши, д-р Зеќирја Реџепи и д-р Флорим Ајдини. Проф.Ардита Абдули е промовирана како научен соработник.“

Албанските медиуми го пренесуваат соопштението на оваа „академија“: „По внимателно испитување на поднесените кандидатури за избор како академици на конкурсот објавен во август годинава, Собранието на Албанската академија на науки и уметности во **** Македонија заклучи дека избраните академици се вистински истражувачи, а нивната работа имала влијание врз заедницата и индустријата. Тие имаат и нагласени заслуги за образованието на албански јазик во **** Македонија.“

„На одржаното Собрание промовиравме 9 академици врз основа, која ги опфати сите критериуми, што ги бараат академиите од Западниот Балкан, вклучително и критериумите, што МАНУ ги применува во вакви случаи. Промовираните академици се лица, кои како активни учесници со своите професионални и национални активности го поттикнаа и го помогнаа обновувањето на средното образование на албански јазик и формирањето два универзитети на албански јазик во **** Македонија по 1991 година.“

„Се надеваме дека албанскиот политички фактор во републичкото Собрание во блиска иднина ќе подготви Предлог-закон, со кој Албанците ќе имаат своја јавна институција иста како МАНУ, која ја финансираат сите граѓани, а во која има само 1 процент Албанци!“ – стои во споменатото соопштение, кое го пренесоа медиумуте на албански јазик во Македонија.