Мандатарот за состав на новата влада, Димитар Ковачевски во експозето во Собранието најави остварување на низа планови на новата Влада. Обраќајќи се пред пратениците рече дека минималната плата ќе продолжи да расте што ќе придонесе за раст и на просечната плата.

-Порастот на минималната плата ќе продолжи како и растот на просечната. Во првата половина на 2022 година ќе го иницираме и заокружиме економско-социјалниот дијалог за утврдување на новата методологија за пресметка и порастот на нивото на минималната плата, истакна Ковачевски.

Покрај растот на платите, додаде Ковачевски, политиките на новата влада ќе се фокусираат и на намалување на стапката на невработеност која е проектирано да достигне 11,4 отсто во 2024 година, односно да биде едноцифрена, 8,6 отсто до крајот на 2026 година.

Освен тоа, една од првите одлуки ќе биде и зголемувањето на пензиите.

-Одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За таа цел, една од првите мерки на новата влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите, порача Ковачевски.

Тој додаде дека покрај посебното зголемување на пензиите, владата ќе остане посветена и на подобрување на понатамошниот модел за редовно законско усогласување на пензиите кое се врши два пати во годината, истакна Ковачевски.