Станбена узурпација на центарот на Скопје

На парцела од 100 метри квадратни во самото срце на главниот град се гради зграда, во основа на 70 метри квадратни. Мајсторите на улицата Киро Крстевски Платник вредно работат и повеќе нема траги од гостилницата која сега ќе биде заменета со зграда од приземје, четири ката и поткровје.

И куќата до гостилницата ја снајде истата судбина, па истовремено таму никнува уште еден станбен објект. Овој на парцела од 170 метри квадратни.

Ова се дел од примерите како центарот на Скопје постојано го менува својот лик и се претвори во бетонска џунгла, а инвеститорите го користат секој преостанат слободен простор.

Ако некогаш важеше каде што ќе најдеш згодно место, ти дрво посади, денес важи ти зграда посади, особено во централното градско подрачје на Скопје, каде е повеќе од видлива узурпацијата на просторот и непочитувањето на ниту едно урбанистичко правило, вели Емица Налбантиќ, жителка на улицата.

„Чисто лудило е да изградиш нова зграда непосредно под прозорците и балконите на друга, при што станарите на старата зграда или старата куќа се лишуваат од сончевата светлина, од нивната приватност и мир, од можноста да имаат нормална комуникација во населбата каде живеат. Без пристапни патеки, директно на тротоар, без доволно паркинг места, без простор меѓу зградите,“ вели Налбантиќ.

Во истиот реон на улицата Стефан Јакимов Дедов на две семејни куќи друштво сега ќе им прават повеќе соседи, бидејќи и таму се гради нов станбен објект.

Линк до целиот текст.