Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека работниците во јавниот сектор треба да знаат дека Владата не им ги почитува работничките права.
Додаваат дека 138 000 работниците се на генерален штрајк во јавениот сектор, но за претставнците на Владата, очигледно вработените во јавниот сектор се граѓани од втор ред.

„За жал во Македонија социјален дијалог нема. За жал од 1 мај до денес се прекинати сите официјални контакти со претставниците на Владата и министерствата за барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија и на работниците за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари и покрај тоа што од страна на претставниците на Владата, Премиерот и Вицепремиерот бевме убедувани дека усогласувањето на платите во јавниот сектор ќе се случи со ребалансот на буџетот. Во текот на вчерашниот ден се објави информација дека Владата го усвоила ребалансот на буџетот без предвидените средства за зголемување на платите на работниците, средства кои не се за луксус туку за преживување на работниците кои Владата не ги цени. За жал во ребалансот не можеме да ги видиме ниту средствата за зголемување на платите на вработените во секторите за кои се фалеше Владата. Во државната каса не може да нема пари за плати, а ако нема пари, јавно прашуваме каде се парите за платите на работниците, очигледно парите се пренаменети за луксуз на Владините функционери и за тендери. Требаше досега да кажат кои се приоритетите и дали не е приоритет преживувањето на вработените и граѓаните“, велат од ССМ.
ССМ заедно со 138.000 работници во јавен сектор од 22.06.2022 година е во генерален штрајк организиран за заштита на економските и социјалните права и остварување на следните барања од работен однос:

-склучување на Општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Сл. Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата.

„Владата има игнорантски однос кон работниците и нивните претставници, до денес никој не не побарал за разговор како претставници на работниците, ниту пак има одговорено, ниту разговарано со штрајкувачите по однос на нивното егзистенцијално барање. Со оглед на состојбата приморани сме преку нашите братски синдикати Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои со своите 250 милиони членови застанаа зад ССМ и барањата на работниците, за прв пат во историјата на Државата да поднесеме колективна тужба пред надлежните европски институции, да поднесеме извештај до Меѓународната организација на трудот за прекинатиот социјален дијалог и непочитување на Меѓународните конвеции на труд, за непочитување на Законите и колективните договори од страна на Владата, како и да поднесеме колективна тужба и поединечни тужби против Државата, односно Владата пред домашните судови за заштита на работничките права кои укажуваме дека скапо ќе ја чинат Државата, а ќе има негативни импликации за рејтингот и во извештаите на Европската комисија и Меѓународната организација на трудот за Државата. Штрајкувачкиот одбор секојдневно ќе заседава и ќе носи Одлуки за формите на синдикален притисок кои ќе бидат потребни за остварување на штрајкувачкото барање за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор со минималната плата, а ќе бликираме кога тоа ќе и предизвика на Владата најголема потешкотија. Срамно е тоа што Владата смета дека вработените во здравството кои во изминатите три години ги ризикуваа своите животи за справување со пандемијата не заслужуваат 2806 денари и срамно е тоа што Владата смета дека вработените полицијата и вработените кои ги ризикуваат своите животи и кои во изминатите денови за минимална плата им го чуваат комодитетот на владините функционери, не заслужуваат 2806 денари. Срамно е тоа што Владата смета дека вработените во министерствата кои се најповикани да ги изготват и спроведат сите замисли, политиките, стратегиите на министрите и владата не заслужуваат 2806 денари, срамно е што владата смета дека вработените во целиот јавен сектор не заслужуваат зголемување на плата од 2806 денари во време кога инфлацијата вртоглаво расте, трошоците за живот се се поголеми, а 80 % од вработените во јавниот сектор не можат да си ја дозволат ниту синдикалната минимална кошничка која е за преживување, а не за луксуз“, додаваат од ССМ.

На работниците во јавниот сектор од денеска им порачуваат дека Владата не им ги почитува работничките права и врз основа на тоа на Владата многу лесно може да и се случи работниците да:
– Работат бавно
– Да работат многу бавно
– Да поставуваат што е можно повеќе прашања на раководители, министри и други претпоставени на писмено и да чекаат писмен одговор од нив за да ја завршат работата
– Согласно нивните одговори и напатствија темелно да се навраќаат неколку пати на истата работа и истата темелно да ја завршуваат во што е можно подолг временски рок
– да не споделуваат предлози и идеи за завршување на работата за пократко време, особено не со министрите кои го бараат тоа од нив, а се против нивните плати
– да ја вршат работата, но пред тоа да побараат од министерот или другите претпоставени да им ги обезбедат сите услови за да можат навремено да ги извршат нивните работни задачи.