Ова е реакција на Сојузот на синдикати на Македонија на дел од предложените законски измени поврзани со изградата на автопатите на коридорите 8 и 10д.

„Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела“, се наведува во реакцијата од ССМ.

Според нив, Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации.

На тој начин, додаваат од ССМ, не само што ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани кои се даночни обврзници во странски компании, туку сака и да им овозможи на овие компании, како „Бехтел и Енка“, да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.

ССМ потсетува на одлуките на Уставниот суд кој детално се произнесе и ги прогласи за неуставни одредбите од Законот за градба на автопатиштата од страна на ‘Бехтел и Енка’ каде што спротивно на сите правни правила и спротивно на здравиот разум сакаа тие работници да работат по 60 и повеќе часови…

Пратениците на седница в понеделник ќе расправаат за предлог измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д.