Српски историчари: Заев е незнајко, да не беше Југославија, ќе ја немаше ни Македонија

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската информативна агенција БГНЕС предизвика реакции и осуда и во Србија, посебно за изјавата дека Југославија ги разделувала Македонците и Бугарите.

„Изјавата е срамна, бидејќи ако ја немаше Југославија, ќе ги немаше ни Македонците во денешна смисла. Само благодарејќи на Југославија и постојат Македонците. Инаку, можеби би биле Бугари, Грци итн. Заев, пред сè, искажа големо непочитување кон сопствениот народ“, изјави за српската новинска агенција Танјуг историчарот и академик Љубодраг Димиќ.

Новосадскиот историчар Миливој Бешлин, пак, во во изјавата на Заев гледа обид за класичен историски ревизионизам.

„Да се зборува за окупациски трупи како за ‘администратори’ е историски неточно и претставува груб фалсификат, бидејќи со тоа се негира фашистичкиот карактер на окупацијата и на агресијата на Бугарија врз тогашното Кралство Југославија“, објаснува тој.

За тезата на Заев дека Југославија ги разделувала Бугарите и Македонците, тој вели дека е токму спротивното – благодарејќи на политиката на национална рамноправност во втората, социјалистичка Југославија, во полна мера е афирмиран македонскиот национален, државен и културен идентитет.

Бешлин нагласува дека македонската државност е изборена благодарејќи на антифашистичкото народноослободително движење на југословенските партизани, меѓу кои, вели тој, значајно место заземаа македонските партизани.

„Таа државност е запишана и во Уставот на Северна Македонија, кој се повикува на неа. Државноста на Македонија на крајот од Втората светска војна 1944 и 1945 година всушност е конституирана како и државноста на другите југословенски републики. И благодарејќи во голема мерка на тоа денес постои суверената држава Северна Македонија. Да се доведува во прашање таква една работа значи најдиректно да се поткопа не само интегритетот, туку и суверенитетот на сопствената држава Северна Македонија“, додава Бешлин.

Според него, Заев не може да ја промени историјата, ниту да влијае врз историската интерпретација, туку само да ја напише „најмрачната страница од историјата на неговиот премиерски мандат. Него, како што вели, многу го радува тоа што македонски членови на Мешовитата комисија со Бугарија веднаш се огласија и се оградија од ставовите на премиерот, нарекувајќи ги „фалсификат и историски ревизионизам“.