Српски државјанин со постојан престој во Македонија најден мртов на Пирин

Маж на возраст од 55 години, државјанин на Србија со постојан престој во Македонија, денеска е најден мртов близу врвот Вихрен на планината Пирин во Бугарија, до телото на бугарскиот планинар Пламен Христов, за кој се трагаше во последните неколку дена од минатата година.

Србинот завчера пристигнал во Банско на дочек на Нова година и вчера тргнал да се искачува на планината. Во Бугарија влегол на граничниот премин Златарево од преминот кај струмичко Ново Село, со автомобил со австриски регистарски таблички. Кај него биле најдени клучеви од автомобилот и од хотелската соба, како македонски денари.

Бугарскиот портал „Струма“ пишува дека е мистерија како тој се нашол на истото место на кое е откриено телото на Христов, по кој била организирана потрага. Се претпоставува дека српскиот граѓанин се симнувал за да му помогне, но паднал.

Двете тела спасителите ги носеле на раце по билото на планината, преку течението на Влахина река до бунгаловот на Планинската спасувачка служба „Сандански“ над селото Влахи во општината Кресна. Во акцијата за пронаоѓање на исчезнатите бил ангажиран полициски хеликоптер, но било опасно да се спушти до местото на несреќата.