Трендовите на глобалниот пазар на труд и нивното место во Македонија е темата на којашто во интервјуто кое можете да го прочитате подолу, разговаравме со Советникот за развој на кариера и тренер за меки вештини, Катерина Златановска – Попова.  

Златановска Попова очекува наскоро и во Македонија да се отвори дискусија за моделот на четиридневна работна недела

Уверена е дека проблемот со недостигот на работна сила нема да се реши со „увоз“ на работници од посиромашните земји, па смета дека треба да се настојува да се зголемат платите и подобрат условите за да се задржат нашите во државата.

Работник: Извештајот на Glassdoor и Indeed предвидува дека тесната или малата понуда на работна сила ќе продолжи да го попречува вработувањето. Што мислите за ова?

Златановска – Попова: Последните случувања со масовни отпуштања во компании кои важат за апсолутни гиганти како Google, Netflix, Amazon, Meta и Twitter само е јасен сигнал дека во моментот светската економија се редизајнира, а јазот помеѓу побарувањата на вработените и очекувањата на работодавачите станува се’ поголем. И кога на тоа ќе се додаде дека речиси 45% од сегашните работни места во следните години ќе бидат заменети со вештачка интелигенција, некаква платформа,  дигитална алатка, апликација, компјутерски код или програма и сл. која ќе работи повеќе, побрзо, поефтино, едноставно е неизбежно да се запрашаме каде е нашето вистинско место во овој непостојан и променлив свет?

Работник: Како може да се реши проблемот со недостигот на работна сила според Вас?

Златановска – Попова: Во изминатите години, сведоци сме за огромни промени во поглед на пазарот на трудот, правејќи го Светот една глобална берза на труд и трендовите кои дополнително се забрзаа поради пандемијата предизвикана од COVID-19. Сиромашните земји станаа „извозници“ на обучени и квалификувани работници, додека развиените економии повеќекратно ја зголемија побарувачката. Тие веќе покажаа дека се подготвени да направат големи и сериозни промени за привлекување на нови работници, како што е конкурентни плати во однос на она што работниците го заработуваат кај нас, бенефиции во поглед на сместувањето и олеснувања за добивање на работни дозволи и визи и сл.

И овој тренд на движење нема да застане, напротив, се’ повеќе земји отворено ги промовираат своите програми за номадско вработување.

Исправени сме пред огромни предизвици за кои нема едноставни и брзи решенија. Лично не верувам дека недостигот на работна сила кај нас ќе се реши со „увоз“ на работници од посиромашни земји од нас. Тука се културолошките, јазичните и социјални бариери за кои треба да сме подготвиме како општество.

Зошто да не се обидеме да им ги овозможиме потребните услови, плати, квалитетен живот на оние нашите кои сакаат да останат? Можеби е потребно сопствениците и менаџерите да се обидат да ги слушнат потребите на своите работници и да ги пресретнат создавајќи услови за кои вреди да се остане? Вистинското прашање можеби е и колку Македонија создава соодветни услови за водење бизнис, бидејќи од последните истражувања, нојголемата причина за иселување е корупцијата и состојбата во државата, што пак само наговестува дека недостигот на работна сила само ќе се зголемува ако состојбите останат како што се во моментот.

Работник: Во Извештајот се нагласува дека „работата на далечина е тука за да остане“. Дали според Вас ова ќе важи само за оние поразвиени земји  или и за земјите како нашата?

Златановска – Попова: Дефинитивно е присутно и кај нас, со сите свои предности и недостатоци. Во изминатиот период слушам секакви сведоштва, од тоа дека работодавачите сметаат дека нивните вработени не се комплетно продуктивни кога не се во канцеларија и инсистираат да ги вратат на работа, до такви кои работата на далечина ја воведуваат како нов хибриден модел на функционирање оставајќи им на вработените простор да одлучуваат од каде ќе работат во текот на работната седмица. Лично сметам дека во зависност од процесите, типот на работа и индустријата, секоја компанија треба да направи проценка за бенефитите од можноста за работа на далечина.

Според вашето мислење, дали и колкав размер ќе продолжи да зема работата на далечина кај нас?

Златановска – Попова: На ова прашање јас само би сакала да искоментирам дека тоа е иднината совршено надолочнувајќи се со „gig“ (во слободен превод од англиски „тезга“, „настап“) економијата која незапирливо се засилува овозможувајќи им на работниците да работат на различни проекти, со различна динамика, за различни клиенти и со договори кои им ја даваат потребната слобода и разновидност.

Работник: Со оглед на тоа дека овој начин на работа им овозможува на работодавачите од други земји „базен на талентирани работници“ од странство, а на работниците можност да работат за светски реномирани компании, колку оваа можност ќе биде искористена од нашите работници?

Златановска – Попова: Од моите контакти и разговори со млади луѓе преку сесиите за кариерно советување можам да потврдам дека во изминатите 2 години сретнувам се’ поголем број на млади кои веќе работат преку фриленс платформите во различни индустрии или едноставно имаат работодавачи од другата страна на Светот.

Работник: Следно што го предвидува Извештајот е тоа дека бенефитите ќе одлучуваат кој работодавач ќе привлече работници. Како ова ќе се одвива кај нас?

Златановска – Попова: Не е тајна дека во IT индустријата трката по кадри се базира на што поразновидни и поголеми бенефиции. И секако до одредена граница тоа има смисла и ефект. Клучното прашање се наметнува што им преостанува на работодавачите кога бенефициите престануваат да бидат мотвација?  Мислам дека младите генерации, овие од т.н. Z генерацијата и т.н. генерацијата милениумци претпочитаат да се поврзат со мисијата, вредностите и промената која ја креира компанијата во која се вработуваат во општеството.

Gen Z1997 – 201211 – 26
Millennials1981 – 199627 – 42

Работник: Среќата и благосостојбата се поважни од било кога е следната теза во Извештајот. Колку ова ќе биде важно за нашите работници?

Златановска – Попова: Токму светската пандемија мислам дека беше вистински момент за преиспитување за секој од нас. Следејќи ги светските трендови очекувам многу скоро и кај нас да се отвори дискусијата за 4 дневна работна седмица, тренд кој незапирливо се воведува во повеќе европски земји и кој дава многу позитивни и охрабрувачки резултати. На крајот на краиштата, среќни и задоволни вработени директно влијаат и придонесуваат за успехот на компанијата, што значи е добитна (win-win) ситуација!

Работник: Новите генерации на работници бараат поголема Инклузивност на работното место, правична поделба на Капиталот и почитување на Различноста. Колку ова важи кај нас?

Златановска – Попова: Ова е навистина многу тешко прашање, особено бидејќи ние сме далеку од нормален и вообичаен начин на водење бизнис воопшто. Со години сме во транзиција, економијата е исцрпена од мноштвото кризи и удари и веројатно сето тоа ја прави бизнис климата кај нас посебно комплексна и комплицирана. Навраќајќи се на погоре споменатото дефинитивно младите генерации на работници кај нас тежнеат помалку да се „обврзат“, а истовремено сакаат да биде веднаш вреднуван и почитуван нивниот труд како и индивидуалните потреби.

Оргиналното интервју за „Работник“ на следниот линк: