Во екот на оспорувањето од Бугарија, која ја негира неговата посебност и го смета за западнобугарски дијалект, македонскиот јазик го одбележува 130-годишниот јубилеј од првата докторска дисертација за него.

Неа ја одбранил професорот Готхилф Леонхард Мазинг (1845-1936) на универзитетот во Тарту (Дорпат) во 1890 година.

Како човек што имал познавања од над 50 јазици, тој во говорот на Македонците што ги сретнал во Германија препознал карактеристики на создаден јазик, различен од другите словенски јазици.

Објавените дела на овој славист, индоевропеист, дијалектолог, акцентолог и теолог за рефлексијата на ‘тј’ и ‘дј’ (Zur Sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven, Vertretung von *tj und *dj) од 1890 година и за акцентот во македонскиот јазик (Zur Laut- und Akzentlehre der Macedoslavischen Dialekte) од 1891 година дале поттик за натамошни македонистички истражувања.

Мазинг учел во Тарту, Естонија, во периодот 1863-1868, а студирал и на германските универзитети во Гетинген и во Лајпциг. Работел на Универзитетот во Тарту како вонреден професор по компаративна граматика на руски јазик и литература и словенски јазици во периодот 1880-1902 и како редовен професор во периодот 1902-1925.