Мислам дека позадината на средбата во Тирана е сериозна паника која што во моментов се јавува во власта. Најмногу кај СДСМ е, колку и да изгледа нетипично за реториката за оваа средба која што деновиве е во јавноста. Според мое мислење и сознанија мислам дека оваа средба се случува токму на барање на СДСМ и на Димитар Ковачевски, кои што бараат помош во опстојувањето на оваа Влада, затоа што Владата е пред распад и се обидува на овој начин да добие помош за спас на својата Влада, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Николовски смета дека за возврат владата треба да реализира политички ако сакате и регионални агенди кои што се на штетат на Македонија и македонскиот народ.
Николоски додаде дека СДСМ и Ковачевски се спремни дополнително да одат на штета на македонскиот народ во корист на одредени други агенди и само за да уште некој месец оваа Влада да остане на власт, затоа што тоа е максиумот што може да го добие. И во таа насока СДСМ и Ковачевски бараат гума за спасување кај Еди Рама.
„Но, условите се променети и гума за спасување нема да ја добијат затоа што немаат поддршка кај народот и мислам дека утре ќе има само една јалова средба и ќе има само едно сликање и позирање кое што нема да донесе ништо добро на Македонија и само ќе го крене гневот и фрустрацијата кај македонскиот народ што ќе се види на следните избори. Одлуките за Македонија треба да се носат во Македонија и после промената на власта една од првите работи што ќе ги направиме е да прекине оваа пракса за Македонија да се одлучува надвор од Македонија“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека одлуките треба да се носат во Собранието, бидејќи тие пратеници ги има избрано народот.
„И она што најмногу загрижува, а ја потврдува оваа теза што ја споменав е молкот од страна на СДСМ, кој што збор немаат кажано за оваа средба“, нагласи Николоски.