Србија најголем увозник на руско оружје и воена опрема во Европа, сака да набави и С-400!

Српските власти нарачале трет противвоздушен ракетен систем „Панцир“ и системи за електронско војување од Русија, но засега не можат да ги добијат, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

На вежбата со боево гаѓање „Маневри 2022“ на 3 ноември Вучиќ особено ги пофали противтенковските ракетни системи „Корнет“ набавени од Русија. Тој тогаш изјави дека западните земји го спречуваат снабдувањето со оружје што Србија го набавила на исток и истовремено го одложуваат приемот на купеното оружје.

Шефот на српската држава истакна дека пред една деценија Белград имал еден МиГ-29 способен да полета, а сега има 14 модернизирани ловци вооружени и со ракети воздух-воздух и воздух-земја.

„За разлика од тоа време, ние имаме два система „Панцир-С1“, нарачавме и „Панцир МЕ“, но не може да ни биде доставен сега… Исто така, сакам да им кажам на луѓето дека нарачавме комплекс за електронско војување ‘Красуха’ и систем за електронско попречување ‘Одбивач’“, рече Вучиќ на ТВ Пинк.

Србија е најголемиот увозник на руско оружје и воена опрема во Европа. Во 2022-2023 година Белград планираше да купи четири хеликоптери Ми-35, три Ми-17 и 11 Ми-35 кои беа во употреба од Кипар.

Во декември 2021 година во земјата пристигнаа противтенковските системи „Корнет“ купени во Русија. Во изминатите неколку години Русија ѝ префрли на Србија 30 модернизирани тенкови Т-72МС, 30 оклопни возила БРДМ-2, седум хеликоптери Ми-17 и Ми-35 и шест ловци МиГ-29. Белград, исто така, набави батерија од ракетни и вооружени системи „Панцир-С1“.

Вучиќ рече дека земјата сака да го има и рускиот комплекс С-400, но сè уште не може да си го дозволи.