Денеска почнува изградбата на нов гасен интерконектор меѓу Србија и Бугарија, проект финансиран од Европската унија (ЕУ) и Србија, а се планира да биде завршен во четвртиот квартал од 2023 година, објави Б92.

Проектот за изградба на гасниот интерконектор Ниш-Димитровград-Бугарија, како што се наведува, делумно ќе се финансира преку грантови од ЕУ, во износ од 49,6 милиони евра, како и 25 милиони евра поволен заем од Европската инвестициска банка.

ЕУ подготвува неповратна поддршка за целиот енергетски сектор на Србија во износ од 100 милиони евра во 2022 година, од кои 49,6 милиони за овој проект.

Гасоводот ќе го поврзува градот Ниш со бугарската престолнина Софија, а предвидениот капацитет на новиот гасовод ќе овозможи проток на 1,8 милијарди кубни метри природен гас годишно, што ќе обезбеди дополнително зголемување на капацитетот за 80 отсто во споредба со сегашните годишни потреби на Србија, што се околу 2,4 милијарди кубни метри гас годишно.