„Спутник V“ нема одобрение во ЕУ, тврдат од ЕМА

Висока претставничка на Европската агенција за лекови (ЕМА) Криста Виртумер-Хох апелираше до членките на Европската унија да не ја одобруваат употребата на руската вакцина „Спутник V“ за итна употреба, сè додека агенцијата целосно не ја испита нејзината безбедност и ефикасност, јави Гардијан.

„Потребна ни е документација врз основа на која би направиле проценка. Во моментов немаме податоци за вакцинирани лица, тоа не е познато. Затоа ќе апелирам до земјите од ЕУ да не ја одобруваат вакцината Спутник за итна употреба“, изјави Виртумер-Хох за австриската телевизија ОРФ.

Таа не исклучи дека постои можност Спутник да се појави во понудата за вакцинација во земјите на ЕУ.

„Спутник V“ веќе е одобрена или е близу до одобрување во три земји на ЕУ – Унгарија, Словачка и Чешка – а официјални претставници на Европската унија изјавија дека Брисел би можел да почне преговори со производителот на вакцини доколку тоа го побараат најмалку четири земји. (Независен)