Спречен бомбашки напад на настан на кој требало да присуствува Ердоган

Турската полиција пронашла бомба под автомобилот на полицаец кој требало да биде ангажиран на обезбедување на настан на кој присуствувал претседателот Таип Ердоган во источна Турција, објави во саботата државната новинска агенција Анадолу.

Уредот бил откриен во малиот град Нусајбин, на сириската граница, од каде полицаецот требало да вози 200 километри североисточно до Сирт, каде Ердоган подоцна се обратил пред публиката, објави Ројтерс.

Според турската државна телевизија ТРТ, експлозивната направа ја забележал полицаец кој веднаш алармирал по што бомбата била деактивирана.

„Експлозивната направа беше поставена под автомобилот на полицаец кој работи во Мардин. Планот беше да се активира кога Ердоган ќе пристигне во Сирт. Намерата била да се растури собирот по повод посетата на претседателот.

Има и такви кои се обидуваат да ја уништат мирната средина. – изјави за Си-Ен-Ен Турк Хамза Даг, потпретседател на владејачката Партија на правдата и развојот.

Безбедносните сили се во потрага по сторителите.