Според Радев, Црна Гора треба да биде следната балканска земја во ЕУ, а на Македонија ѝ упати индиректна порака

Бугарскиот претседател Румен Радев искажа низа комплименти за Црна Гора при денешната официјална посета на Софија на неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ, гледајќи ја најмалата ексјугословенска република како следна балканска земја во Европската унија.

„Црна Гора е најнапредната во процесот на европска интеграција меѓу земјите од Западен Балкан и Бугарија ќе продолжи да ја поддржува, така што Црна Гора да биде следната земја од регионот што ќе се приклучи на ЕУ“, му рече Радев на Ѓукановиќ, пред да упати индиректна порака и кон Македонија.

„Секоја од земјите од Западен Балкан, која пројавила амбиции за членство во ЕУ, треба да ги почитува заложбите и воспоставените критериуми во ЕУ, принципите на добрососедство и почитување на човековите права“, додаде шефот на бугарската држава, очигледно мислејќи на Македонија, иако не ја спомна.