Бугарскиот европратеник Александар Јорданов ги нарече терористи припадниците на прилепскиот партизански одред што го кренаа востанието на 11 октомври 1941 година против фашистичкиот окупатор.
„На 11 октомври 1941 година, неколкумина терористи, кои подоцна ќе бидат наречени ‘борци од Првиот прилепски партизански одред“, ја напаѓаат полициската станица во градот Прилеп и ги пресекуваат телефонските жици. Тие убиваат татко на три деца. Ова е приказната за прославениот почеток на ‘антифашистичката борба’ против ‘бугарскиот фашистички окупатор’. Зацрнето е добро семејство што верува во Бога. Три деца остануваат сираци“, пишува Јорданов во својот коментар објавен од бугарскиот весник „Труд“.
Откако во продолжение ќе аргументира за Прилеп како „град-симбол на бугарштината“, амбасадорот на Бугарија во Македонија од 2001 до 2005 година пак ќе се наврати на Денот на народното востание на македонскиот народ.
„На 11 октомври 1941 година група родоотстапници комунисти, предводени од Лазар Колишевски – емисар на идниот комунистички сатрап Јосиф Броз Тито, ја нападнале полициската станица во градот Прилеп. Оваа антибугарска акција денеска се слави како официјален државен празник во Република Северна Македонија. Го слават политичарите кои посакуваат добри односи со Бугарија. Продолжувам да мислам дека за нив потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија беше уште едно лицемерие. Затоа што никогаш немале намера да го следат. Но, стана јасно дека лицемерието не гради заедничка европска иднина. Прославувањето на нападите врз Бугарите, прогласувањето на Бугарите за фашисти и окупатори не ги подобрува билатералните односи“, коментира Јорданов во написот насловен „Сеќавање: Омразата кон Бугарија – официјален празник!“.
„Македонскиот печат го спореди она што се случи на 11 октомври 1941 година во градот Прилеп со ‘слободољубивите традиции на македонскиот слободољубив народ содржани во Карпошовото, Разлошкото, Кресненското и Илинденското востание’, но и со ‘настојувањата за социјално и национално ослободување вложени во балканските војни и во Првата светска војна’. Но, сите овие настани се дел од бугарската историја. Затоа што во нив учествувале македонски Бугари, а не ‘македонски Македонци’“, додава литературниот историчар и критичар.
„Но, кога денес споменатите историски настани се претставуваат само како дел од т.н. македонска историја, која е и ‘историја’ на ‘борбата на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор’, тоа значи дека денешните Македонци се „надвор од контекст“. Денеска медиумите во РС Македонија пишуваат за ‘злосторствата што фашистичките окупатори ги направиле над цивилното население, за огромната економска штета’. Тоа се апсолутни лаги. Тоа се клевети. Во 1941 година царот Борис Трети во Вардарска Македонија окупирана од Југославија беше поздравен како Цар ослободител. И тоа е затоа што Бугарија не беше фашистичка држава. Криминалци кај нас како и во Македонија беа само комунистите. Во Бугарија на власт немаше фашистичка партија“, вели уште Јорданов.
„Омразата против Бугарија не може да биде празник! Таа мора да остане во комунистичкото минато, од кое очекуваме Република Северна Македонија неповратно да се одвои. Затоа што омразата на денешните Македонци кон Бугарите и Бугарија ги претставува како мазохисти, луѓе кои се мразат и себеси и Македонија, кои забораваат дека тие и ние сме ЕДЕН НАРОД, со ЕДНА СУДБИНА, која злосторниците во нашата ЗАЕДНИЧКА ИСТОРИЈА – комунистите – се обидоа да ја избришат за да нè РАЗДЕЛАТ“, заклучува на крајот од коментарот европратеникот на ГЕРБ-СДС.