Политикологот и најдобар дипломец на универзитет Св. Кирил и Методиј за 2022 година Радован Спиридонов, анализира дека македонската војска не е создадена пред 31 година како што стои во официјалната историографија туку пред речиси 80 години.

,,За Армија на Македонија се вели дека е создадена во април 1992 година. Да, но и‘ не баш!

Во ноември 1991 година Собранието на Македонија го усвоило Уставот на Републиката според кој територијалниот интегритет и независноста на Македонија ги штитат вооружените сили.

На 21 февруари 1992 година претседателот на државата Киро Глигоров и заменикот на сојузниот секретар за народна одбрана на СФР Југославија Благоја Аџиќ склучиле договор за дислокација на Југословенската народна армија од Македонија, со што започнал процесот на воено осамостојување.

Значи, АРМ не е создадена 1992 годиина, туку како сплет на несреќни околности при разводот со Федерацијата истата го менува својот облик. Македонската војска се издвојува од Федерација исто како и Републиката. Кога се напушта таков облик на здружување треба да се има на ум дека суверенитетот лежи во републиките, а не‘ во телата на Федерацијата. Народски речено, имавме развод, а не создавање на нова држава, а уште помалку нова војска.

Доколку го бараме роденденот на АРМ треба да одиме во село Црвена Вода, на Караорман планина во октомври 1943 година”, пишува Спиридонов кој вели дека тогаш Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и‘ званично се оформуваат како одбрамбено тело на македонската почва и македонскиот народ.

,,Иако уште во летото 1941 година во Скопје се оптпочнати првите воени групации и акции против окупаторот… сепак официјализрање на Македонската војска која при крајот на војната имала над 64.000 борци, дошло нешто подоцна.

Постари сме од што се‘ лажеме”, забележува младиот научник кој во врска со ова тврдење објавува и извадок од Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ:


БРАЌА СЕСТРИ, МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНКИ!

За прв пат во нашата славна историја имаме денес своја млада народна војска. За прв пат нашата млада војска жние победа по победа. Ние идеме спрема лице на новите големи борби. Се работи за судбината на нашата земња. Бије последниот час. Ве викаме вас, синови и ќерки на македонскиот народ да се сплотите во борбените редови на нашата Народно-ослободителна војска на Македонија. Ве викаме со небројни сили да удираме по сите непријатели на нашата слобода и независност. Ве викаме и вас, стари илинденски борци да стапите во редовите на нашата војска. Одново воскрснуват славните денови на Крушевската република и Илинденското востание. Те викаме и тебе, јунашка младино на Македонија, што даде толку жертви во борбата за слободата на својот народ. Те викаме тебе, македонски народе, да стапиш тврдо во нашите редои. Деновиве што идат ке ја решат твојата судбина.

Ние требе без друго да ги запреме крвавите германски окупатори што уште сакат да ја поробујат и обирајат нашата земња.

Ние требе бездруго да ги изпадиме големоболгарските окупатори от нашата татковина. Но ние ке направиме братство и единство со болгарскиот народ, кој веќе води решителна борба против големоболгарските фашисти и хегемонисти.

Ние требе бездруго да ја изпадиме големоалбанската клика и да ја направиме неспособна да го поробуе македонскиот народ. Но ние ке направиме братство и единство со албанскиот народ, кој нема ништо општо со тија реакционерни, хегемонистички клики.

Ние требе да ја изпадиме и големосрпската хегемонистичка и предателска банда на Дража Михајловиќ и да ја направиме неспособна наново да го врати режимот на големосрпската хегемонија и тиранија во Македонија. Но ние ке направиме братски СОЈУЗ СО СИТЕ ЈУГОСЛОВЕНСКИ НАРОДИ, на базата на полна национална рамноправност со српскиот, хрватскиот, словенечкиот и другите народи во Југославија. Ние ке работиме на тоа, заедно со сите народи во Југославија за да го создадеме братскиот сојуз на јужнословенските народи, зимејки го во нашите братски пазуви и братскиот болгарски народ.

Ние требе бездруго да ги изпадиме сите предатели на македонскиот народ, се едно дали се они во служба на Хитлера, на големоболгарската, ели на големосрпската хегемонистичка реакција. И ние ќе го создадеме полното единство на македонскиот народ, почнувајќи от комунистите, па се до старите илинденски борци, во борбата за една нова, слободна и народна Македонија.

Фотографија: Дел од членови на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во 1944 година.