Една од боксерските легенди на сите времиња, Мајк Тасон, ноќеска во егзибицискиот дуел со уште еден ветеран, Рој Џонс Џуниор, одново воодушеви со своите енергични движења на 54-годишна возраст, со што докажа дека нема проблем да боксува и во шестата деценија од животот, па дури и по цели 15 години пауза.

По осум интензивни рунди во кои имаше многу удари, борбата заврши без победник, нешто што можеше и да се очекува со оглед на специфичните правила кои беа дефинирани во рингот со оглед и на возраста која ја имаат двајцата.

Имаше многу клинч- ситуации, така што судиите конечно одлучија дека нема победник – 76:76, 76:80, 79:73.

„Челичниот Мајк“ напорно тренираше и направи се за повторно да ги облече ракавиците пред светската јавност, а рано утрово со 45 килограми помалку го направи тоа во „Стејплс центарот“ во Лос Анџелес и ниту малку не разочара со тоа што го понуди.

Како главна ѕвезда во оваа борба, Мајк Тајсон заработи 10 милиони евра.