Спасувањето на војникот Венко – Пишува Роберт Димитриевски

Тоа што остана од самонаречената државотворна партија имаше ретка можност за колку-толку цивилизирано излегување од неволјата што ја снајде со трагедијата во ковид-центарот во Тетово. Со експресна операционализација на оставките од министерот за здравство Филипче, од неговиот заменик Хасани и од двајцата директори на тетовската болница барем за момент ќе го амортизираше огромниот гнев во јавноста за 14. жртви од пожарот во модуларната болница. На тој начин можеби и ќе ја намалеше штетата по остатоците од својот углед (ако воопшто и го има руината што го наследи некогашниот Сојуз на комунистите на Македонија), претставувајќи се како партија на која на прво место ѝ се граѓаните, а не своите функционери.

Но, на СДСМ со Заев на чело до граѓаните му е колку до ланскиот снег, па наместо да се ослободи од својот потпретседател, владејачката партија реши да заигра на самоубиствена карта – да го спасува тоа што не може да се спаси, да го брани неодбранливото. Уште Венко не ја допелтечи намерата да понуди оставка, наместо да даде неотповиклива, скокнаа партиските ботови на социјалните мрежи небаре волчјакот што се фрлил врз Тито и го спасил во Дрвар. Зад својот сопартиец застанаа директорите на јавните здравствени установи низ државата, докторка од Битола дури предложи запирање на вакцинацијата во знак на протест, за точка да стави премиерот со пораката дека претпочитал да ја почека истрагата, па ќе решел за оставките?!

Вакво суицидално однесување може да си дозволи само некој одлепен од реалноста, некој што ја потценува интелигенцијата на граѓаните и што како мало дете верува дека, ако си легне да спие, изутрина ќе го нема проблемот што го мачел (до) вчера. Ако се одложи разрешницата на случајот со неверојатна комбинација на неспособност и на лепливи прсти среде коронакриза, демек, луѓето ќе подзаборават до локалните избори и пак ќе им ја дадат довербата, како ништо да не се случило?!

Па, не е ова „Спасувањето на војникот Рајан“, бе, генијалци. Него го спасија во холивудскиот блокбастер по цена на низа жртви меѓу соборците Американци во Втората светска војна, но тоа е, сепак, само филм, а ова што им се случува на несреќиве на власт – стварност. И тоа погрда не може да биде.

Кој ги советувал да играат на краткото паметење на народот, да им ги врати парите. Ниту некој ќе им заборави за колосалниот дунстерај во речиси сите области што ги раководат, уште помалку ќе им простат најблиските на жртвите на нивниот незапаметен јавашлак во Тетово.

Стратегијата „купи ден – помини“ повеќе не поминува кај избирачите. Човек не треба да е кој знае колку упатен во македонската политика за да предвиди дека на Зоќе и на тајфата околу него им се изброени деновите. Ќе живуркаат на власт на државно ниво додека не испорачаат барем уште една до две цели за кои беа инсталирани – пописот и, евентуално, „заедничката историја“ со Бугарија. А потоа ќе бидат пуштени низ вода како едно чудо одработувачи на туѓи агенди пред нив.

Како ли тогаш мислат да избегнат (кривична) одговорност за сè што (не) сторија? За моралната веќе никому нема да му биде гајле. Како, впрочем, ни сега.