Спасовски: Тоа што Онишченко е на црниот список на САД не мора да значи дека е криминалец

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва на ТВ 24 изјави дека е лага оти украинскиот бизнисмен Онишченко бил баран со потерница, а дека имал четири позитивни мислења за издавање државјанство од институциите. Тој вели дека и тоа што Онишченко е на црниот список на САД не мора да значи дека станува збор за криминалец, пренесува Центар.

– Иако Владата има дискреционо право да одлучи за доделување на државјанство за национален, економски, културен, спортски или научен интерес, во праксата одлуката се носи по позитивни мислења од засегнати институции. Онишченко има четири позитивни мислења – од Коњаничка федерација, Македонски олимписки комитет, Агенција за млади и спорт и Агенција за национална безбедност – изјави Спасовски велејќи дека институциите треба да анализираат дали донеле исправна одлука.

Во гостувањето на „24 анализа“ министерот се осврна и на прашањата со заканите со бомби во скопските средни училишта. Тој истакна дека истрагата е при крај и дека во неа помагаат Интерпол, Европол и партнерските служби од НАТО.

– Истрагата за дојавите за поставени бомби во скопските средни училишта е многу комплексна не само затоа што во неа учествуваат повеќе оддели на Министерството за внатрешни работи (МВР, туку и поради анализите на самите адреси од кои се испраќаат, а кои претежно се ви-пи-ен адреси (виртуелни приватни мрежи) и се надвор од државата – посочи тој.

Карактеристично за заканите, вели Спасовски, е што се појавуваат најчесто во среда, четврток и во петок, во една смена кога има одредени класови и наставници.