Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не чувствува одговорност за бегството на Сашо Мијалков и рече дека одговорноста треба да се бара во системот што треба да се среди.

Спасовски, изјави дека интензивно продолжува потрагата по поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кој од пред два дена е во бегство.

„Според сите наши анализи и проценки сметаме дека сè уште е во државава и дека не ја напуштил Северна Македонија. Потражните дејствија се во тек. Ако ние знаевме каде е Мијалков веројатно веќе ќе беше во притвор. Но, сите анализи и проценки и врз основа на информациите кои ги добиваме наша увереност е дека е во државава и секако дека работиме на негово пронаоѓање и негово приведување пред лицето на правдата“, рече Спасовски.

Запрашан за тоа дали размислувал да преземе морална одговорност, бидејќи додека раководи со МВР избегаа поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК, Мијалков, Спасовски изјави дека не размислува за оставка.

„За да се чувствува одговорност, значи дека треба да направите пропуст намерен или да не постапите во однос на овие насоки што се дадени. Според хронологијата на настаните, гледате дека МВР постапува веднаш од добивањето на информациите со сите расположливи средства.“ рече Спасовски на денешмната прес конференција.