Спасов во одбрана на Пауновски: Такво „дисциплинирање“ тешко се брани

Универзитетскиот професор Ѓорѓи Спасов застана во одбрана на директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кој одбива да ги прими 35 рамковно вработените распоредени од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а за тоа доби закана од Заев дека ќе биде разрешен.

„Што ќе се добие со разрешување и дисциплинирање на Стојко Пауновски и каква порака ќе се прати? Дали пораката е дека никој не смее да им се спротивставува и на најбизарните решенија на Владата? И дали таа ќе ги наградува само послушните, а ќе ги казнува одговорните и совесните?, прашува Спасов.

„Тој модел на дисциплинирање тешко може да се брани и оправда затоа што е во спротивност со она што се бара од раководителите на разни оддели во јавната администрација и со етичкиот кодекс во јавната администрација. Наредбата ако е во спротивност со личното уверување и со совеста дека со неа му се прави штета на општеството е подобро да не се почитува отколку да ве гризи совеста. Некои службеници во претходната влада и администрација што постапуваа строго по наредби, не побегнаа од одговорноста кога подоцна се утврди дека со извршувањето наредби направиле штета.

Затоа треба добро да се процени дали овој вид отпор или ’пркос‘ на Стојко Пауновски е само личен хир од некои непознати причини или е сосема оправдан и ќе биде жртва на нечија поврдена суета и на лошото толкување за задолжителното почитување на хиерархијата во јавната администрација“, пишува Спасов на Фејсбук.