Спасов контра Заев: Имало бугарски фашистички окупатор и тоа е факт

По изјавата на премиерот Зоран Заев дека во учебниците ќе се брише „бугарски фашистички окупатор“ зашто според премиерот, фашизмот не смеел да има етничка димензија, реагираше професорот Ѓорѓи Спасов.

„Имало“, напиша на Фејсбук Ѓорѓи Спасов и вели дека за тоа нема сомневање:

„И тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници. Ако на некој споменик во Македонија пишува дека тој и тој народен херој е убиен од бугарските фашисти во време на Втората светска војна тоа не треба да ги навредува Бугарите освен ако сметаат дека за време на Втората светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии туку само „ослободители и администратори.

Тие може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со бројни фалсификати но ние во име на жртвите во борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за членство во ЕУ. Можно е само да допишеме таму кајшто треба дека се тоа жртви на бугарските фашисти од време на Втората светска војна и ништо повеќе“, напиша Спасов.