Спасов: Ако ЕУ не не’ сака – ќе преживееме и без нив

„Ние не сме полоши од Бугарија и од Романија во времето кога тие станаа членки на ЕУ. Нас долго време нѐ убедуваа дека треба, пред сѐ, да го решиме спорот околу името со Грција.

И тоа се направи со херојски и со многу ризични потези“, вели професорот и екс-амбасадор во Софија, Ѓорѓи Спасов, на прашањето на Нова ТВ околу блокадите, како последната од Софија, корупцијата, отсуството на реформи, недоволното менување на начинот на владеење и што ако доколку пак добиеме датум за почеток на преговори.

„Секое понатамошно условување за почеток на разговорите, според мене веќе не зависи од тоа што ние ќе направиме, ниту многу од тоа што сака Бугарија да прави“, вели Спасов и додава:

„Прашањето е дали има сериозна желба кај членките на ЕУ за натамошно проширување или во главата им се мотаат и други идеи за останатите земји од Западен Балкан. Оттука, треба да се има храброст да се каже дека ЕУ е најдобрата можна алтернатива за нас, но и дека ако не нѐ сакаат, поради свои егоистични интереси, тогаш ќе преживееме и без нив, и без уцени.

Треба да се има достоинство, без оглед на големата желба“, вели професорот Ѓорѓи Спасов во интервју за Нова ТВ.