Полека треба да се рушат табуата и на вистинските лидерски позиции да ги имаме најквалитетните луѓе независно дали се мажи или жени. Не постојат машки и женски професии, напротив, истите треба да ги делиме на тешки и лесни, или добро платени и малку платени. Дополнително, потребно е поттикнување на жените, да бидат храбри и да ги бараат највисоките менаџерски позиции, ако имаат квалитет за тоа, вели Христина Спасевска, професор на ФЕИТ и проректор за настава на УКИМ, во своето излагање на Економскиот форум во Скопје, осврнувајќи се на фактот дека се повеќе се наметнуваат политики за поттикнување на родов баланс, којшто не гарантира понатамошен напредок во кариерата на жените, а во исто време и не обезбедува вистински квалитет. Лидерските позиции треба секогаш да ги добиваат најдобрите, независно од родот.
Според Спасевска, Македонија е земја којашто има најголем процент жени научници во Европа во однос на мажите, но сепак кога зборуваме за елитна наука, овде се доминантни мажите, вели таа.
“На пример нема жена научник во македонските научници кои припаѓаат на 2% највлијателни светски научници според Стенфорд или само 24 жени на светско ниво досега добиле Нобелова награда во физика, хемија и медицина со физиологија”, вели професорката Спасевска, додавајќи дека овде клучен фактор играат личните и финансиски вложувања кај секоја млада девојка во почетокот на кариерата, за време на докторските и постдокторските студии.
„Тоа е токму периодот кога младите девојки треба да направат баланс и да донесат значајни одлуки во животот, каде повеќе да се насочат, кон создавањето семејство или кон професионалната кариера. Што често не е лесно. Од оваа перспектива, после повеќе од 30 години научна кариера, мислам дека направив некако баланс, на почетокот на кариерата оформив семејство, создадов дом… Но не беше лесно, особено кога имате чести патувања или треба да го оставите семејството месеци и месеци градејќи меѓународна кариера. Многу е значајно да жените и мажите, на рамноправна основа, без предрасуди да имаат шанса за напредување во кариерата и да се посветат на научни истражувања како во државата, така и на значајни меѓународни проекти”, заклучува таа.