Најновото заладување на односите меѓу Македонија и Бугарија се одразува и на спортските релации меѓу двете земји, доведувајќи во прашање и веќе договорени контролни натпревари меѓу фудбалски екипи од двете земји, како тој меѓу Спартак Варна и Македонија Ѓорче Петров, закажан за 2 февруари во Турција.
Раководството на бугарскиот прволигаш најави консултација со навивачите, по која ќе реши дали ќе им излезе на мегдан на „лавовите“ во својот последен тест во Аланија пред вториот дел од првенството, објави „Вспорт.бг“.
Тензијата меѓу двете земји ескалира по претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, а неколку дена подоцна за малку беше избегната масовна тепачка меѓу фудбалерите на Марица од Пловдив и на Академија Пандев од Струмица за време на меѓусебниот дуел.
Симпатизерите на софиска ЦСКА ја повикаа управата на „црвените“ да откаже една од планираните проверки на тимот во Турција, исто така против Македонија Ѓорче Петров.
Од друга страна, Берое излезе со соопштение во кое се вели дека само спортот може да ја победи агресијата, па нема намера да го откаже утрешниот дуел со Македонија ЃП. Прволигашот од Стара Загора ја информира јавноста дека со ѓорчепетровци делат хотел и комплекс за обука во кампот во Турција и досега политичката ситуација на никаков начин не се одразила на нивниот однос.