Совладана Јужна Кореја, Македонија 27. на 28. СП во ракомет

Со победата над Јужна Кореја од 36:33 во Плоцк, машката ракометна репрезентација на Македонија го освои 27. место на 28. Светско првенство во Шведска и во Полска, оставајќи ги зад себе и Саудиска Арабија, Мароко, Алжир и Уругвај.

Иако во првото полувреме се одлепија на 17:11, македонските ракометари повторно се мачеа за целиот плен, но во средината на вториот дел му дозволија на азискиот ривал дури и да поведе со 27:26, пред конечно да ја оправдаат улогата на фаворит.

За тоа најголеми заслуги имаат голманот Мартин Томовски со 14 одбрани и во нападот Филип Кузмановски, кој за осумте гола од 12 обиди беше избран за играч на натпреварот во арената „Орлен“. Ненад Костески имаше 6/10, Иван Џонов 4/5, Филип Талески 4/8 итн.

Со три победи и четири порази, „црвено-жолтите“ се враќаат дома со најлошиот пласман во своето осмо учество на мундијалите.