Советник на екс премиерите Заев и Бучковски бара прекин на преговорите и раскин на договорот со Бугарија

Според аналитичарот Мерсел Биљали кој беше советник на екс премиерите Заев и Бучковски ако Бугарија во јуни не го крене ветото, што е можно сценарио, Македонија треба да ги прекине разговорите со Софија.

Треба да го раскинеме Договорот за добрососедство и да нагласиме пред ЕУ дека не се согласуваме со тоа што Унијата ги поддржува непринципиелните барања на нејзината членка Бугарија, смета екс премиерскиот советник.

,Ирационално е веќе да продолжат разговорите со Бугарија со овие услови, со овој тон и на овој начин. Нелогично е и натаму да се продолжуваат разговорите после уште една блокада во јуни во Брисел. Овој процес на блокирање трае неколку години и на секои шест месеци има возбуда дали ќе се укине ветото или не, иако самиот почеток на преговореите и онака не значи многу во контекст на целиот процес, кој може да потрае и 20 години. Гледаме дека Србија и Црна Гора преговараат со години и ништо посебно. Барањата на Бугарија се толку апсурдни, толку назадни, што апсолутно нема смисла да се разговара за нив. Но, големото прашање е што е со самата ЕУ и зошто ЕУ и натаму ја поддржува Бугарија? Ако принципите на Бугарија се принципи и на ЕУ, тогаш редно е да ние речеме дека не ни се потребни. Да, звучи екстремно ние сега да речеме дека не сакаме да преговараме со ЕУ под такви околности, но сметам дека со еден таков исчекор од наша страна повеќе ќе направиме добро за себеси отколку ако и натаму продолжиме да разговараме со Софија под истите услови”, вели Биљали за „Слободен печат“.

Тој додава дека сега не се оние нормални времиња како некогаш кога ЕУ наеднаш се прошири со повеќе членки и дека сега ситуацијата со Украина придонесува вниманието на Унијата повеќе да биде свртено натаму.

,,Затоа, со оглед дека преговорите ќе траат 20 години, вреди да ризикуваме барем една година за да се спроитиставиме на Софија и на ЕУ. Да го кренеме малку и ние влогот, оти ова сега нема најосновна логика. Кој денес разговара за минатото? Се знае дека договори се прават за иднината. Исто така, какви се тие нивни барања за нашиот Устав, а без реципроцитет? Мене како експерт по меѓународно право ми е најглупаво тоа нивно барање ние да ги вметнеме Бугарите во Уставот, а тие да не признаваат никакво малцинство во нивната држава иако имаат 10 отсто Турци”, вели Биљали.