Советниците на СДСМ од Куманово не поддржаа спомен-обележје за бранителите од Диво Насеље, но споменик ќе има!

Советничката група на СДСМ и коалицијата од Куманово не ја поддржаа иницијативата на Левица за изградба на спомен-обележје за осумтемина припадници на Министерството за внатрешни работи што загинаа при неутрализирањето на терористите во Диво Насеље во 2015 година.

Од десеттемина советници на владејачката партија на централно ниво, Александар Јовановски, Благојче Јаќимовиќ, Миле Андоновски, Александра Лазаревски, Јелена Спасевска, Дејан Ивановски и Сузана Манчиќ-Спасиќ гласаа воздржано, Љуљета Миљаими против, а Атина Мургашанска и Самет Салиевски беа отсутни од седницата.

Против се изјаснија по два советника на ДУИ и на Алијанса за Албанците, како и едниот на БЕСА, а двајца од ДУИ беа отсутни.

Споменик за загинатите припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар“ и на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), сепак, ќе има благодарејќи на гласовите на осумтемина советници од „За наше Куманово“ на градоначалникот Максим Димитриевски, седумтемина од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и едниот од Левица.

Во полициската акција на 9 и 10 мај 2015 година во кумановско Диво Насеље против уфрлената терористичка група од Косово животите ги загубија Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од тетовското село Брвеница, Ненад Серафимовски одм гостиварско Зубовце, Бобан Ивановиќ од скопско Стајковци, Горан Илијевски од Гостивар, Исамедин Османи од скопско Студеничани, Љубиша Аранѓеловиќ од Скопје и Горан Стојменовиќ од скопско Миладиновци.

Во акцијата беа повредени 37 полицајци, а на страната на терористите официјално има 10 убиени и 30 уапсени.