Сопругата поголем „инвеститор“ од министерот за финасии

За нецела 2023 година, сопругата на актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими купила и инвестирала во имот со вредност поголема од 200.000 евра, покажуваат ажурираните податоци од анкетниот лист на владиниот функционер кај Државната комисија за спречување на корупција.

Министерот Бесими како имот на брачен другар пријавил дека биле инвестирани 3.916.100 денари, или околу 65.000 евра во купување на 1.342 акции во текот на оваа година.

Сопругата годинава се подновила и со Ауди Q5. Луксузниот SUV модел, произведен само една година претходно, е запишан со вредност од 3.769.800 денари, а тоа би биле 61.000 евра, дознава Фактор.

Таа во текот на 2023 има орочено девизен депозит од 41.532 евра, а истовремено во нејзиното „инвестициско портфолио“ стојат и 3.300.000 денари (околу 55.000 евра) како орочен денарски депозит.

Интересно е тоа што додека понежната половина на Бесими купувала подвижен имот и вложувала во капитал, самиот министер бил пасивен и годинава не покажал интерес за такви активности.

Овие евиденции од околу 220.000 евра го прават далеку „потежок“ анкетниот лист на министерот Бесими кој беше назначен на својата функција од Владата во 2020-та.