Да не знае човек дали да (им) се смее или да плаче. Тоа што на сите со (пот)просечно развиена сива маса меѓу ушите им беше јасно дека ќе се случи уште пред да се случи, ним им се разјаснило не пет минути по 12, ами пет години подоцна?!

Прво „шарените“ почнаа да мрчат дека „муртинскиот Кисинџер и Черчил заедно“, како што новинарот Борјан Јовановски го опиша Зоран Заев, ја оплескал со Преспанската спогодба и со потписот врз Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. За деновиве, конечно, да признаат и (нај)тврдокорните поддржувачи на експремиерот, Сашо Орданоски и Мирослав Грчев, дека „тази датум не е датум“ и се чини дека никогаш нема ни да биде. Колку и да се „кревељеа“ Заев, Османи, Димитров и Анѓушев во авиончето уште пред четири години со „радосната вест“ за почеток на преговори со Европската унија.

Па, просветлениов аналитичар ќе повика „да бидеме реални, невозможното нема да се случи“ и ќе заклучи дека „сонот за ЕУ заврши, треба да почнеме да се будиме и отрезниме“. А архитектон па нашол „две ползи од бугарското вето“, кое „можеби конечно ќе нè разбуди од упорното сонување на некоја Европа што веќе долги години не постои“.

Ма, прекрасно! Значи, Грците, Бугарите, Европа, сите други се виновни, само не овдешните силувачи на недвосмислената народна волја искажана на пропаднатиот референдум за името и упорно ги игнорираа и експертите, и сите други што укажуваа за фалинките на договорот со источниот сосед?!

„Е, неќе моќи, другови!“. Вината за обезличувањето до непрепознавање на македонската држава и народ, без апсолутно никаква сатисфакција во поглед на евроинтеграцијата, колку што лежи во „визионерите“ на власт од 2017 година наваму, толку и во нивните мегафони. Наместо да го соочат Македонецот со жртвите што однадвор ги бараат од него за да се придвижи кон Брисел македонскиот воз што 17 години чмае на слеп колосек и да пробаат некако да го убедат дека тие вредат за целта, „злосторничкото здружение“ најбескрупулозно манипулираше со граѓаните и самоволно одлучуваше за нив. И притоа ги шина од лажење за бесплатни здравствени услуги низ цела Европа, за 25.000 евра за секое земјоделско семејство, за 113.000 евра стипендија, за заштитен македонски идентитет и јазик…

Добро утро за сите што дури сега се пробудија од сонот и станаа свесни за своите илузии и нереални очекувања, но прошка за нив нема. Соучесници се во предавството на сопствениот народ и кога-тогаш ќе мора да одговараат за неговото секојдневно понижување и злопатење како последица на нивните плиткоумни постапки, добар дел од нив и добро „подмачкани“ за да го прават тоа што го правеа.

Бадијала сега кукумјавчење од тазе отрезнетиве по тешкото пијанство, откако уште еден воз замин(ув)а, а следниот кој знае дали и кога ќе се појави. Како пренајпаметни, не сакаа да слушаат никого, за на крај лично северџанот Цацко да им ја пее на увце „Шо мислеше ка се онадеше“. А нивната им „Северна“ „сама седи натажена, натажена немажена“ во богатото европско семејство, како што ги мавтосуваше онаа несреќа што и ќерка си ќе си ја дадеше за остров во Грција.