…Од појавата на т.н.француски предлог на прегoварачката рамка за Македонија, во која услов за отворањето поглавја во преговорите се уставни измени за внесување одредено самодекларирано бугарско малцинство во земјава, Бугарија ја засили својата кампања на негово „освестување“, пишува Јасминка Павловска во „Нова Македонија.

Отворањето „културни клубови“ со имиња на контроверзни историски ликови, препознаени како соработници на фашизмот со изразено антимакедонистичко дејствување, претставува „носечкиот проект“ на бугарската политика спрема Македонија, со која се чини сака да издејствува две работи: измени во македонскиот устав, за стипулирање на бугарското малцинство во него и со нов статус, и провокација за македонското општество, за пред ЕУ да биде претставено како недемократско, со изразена омраза спрема Бугарите.

Притоа, бугарската политичка елита е задоволна што своите асимилаторски аспирации спрема Македонија и македонската нација успеа да ги спакува како барање за заштита на човековите (малцинските) права, иако не помислува да направи реципрочен гест за македонското малцинство во Бугарија, вели Павловска.

„Уценувачко-провокаторската политика со отворање клубови со спорни имиња се разбира дека очекувано создава амбиент за револтирана реакција во македонското општество, што резултираше со измена на Законот за именување на здруженија и фондации (според кој бугарските клубови треба да се преименуваат до 15 февруари), но и обиди за физичко демолирање на клубовите. Исто така очекувано, по секој инцидент поврзан со клубовите создадени со фундаментална провоцирачка намера, има дипломатски реакции на протест, незадоволство и осуда од министерствата за надворешни работи на Бугарија, но и на Македонија“.

(…)

Павловска вели дека замижувањето на ЕУ пред нечесните хегемонистички намери на бугарските барања за менување на македонскиот устав и помошта да ги артикулира како „малцински права“ ја прават Унијата соучесник во прекршувањето на нејзините вредности и принципи, особено што го премолчува и толерира неспроведувањето на Бугарија на пресудите од Европскиот суд за човекови права за да им овозможи право на здружување на Македонците во Бугарија.

„Од една страна, ЕУ бара уставни измени во Македонија за „човекови права“ на Бугарите, а има „замаглен вид“ кога Бугарија не им ги дозволува истите такви права на Македонците во таа земја, верифицирани во пресудите на Судот во Стразбур. Слично како и за малцинските права на Македонците во Бугарија, ЕУ не ја перципира ниту провокацијата со фашизам во имињата на клубовите што се претставуваат како „културни“, кои ги отвора нејзината членка во Македонија.