Собраниската расправа за Предлог-буџетот почнува утре, Бесими очекува голем интерес за дебата

Во Собранието утре почнува дебатата за Предлог-буџетот за 2023 година што Владата го усвои на 2 ноември.

Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува голем интерес за дискусија. Во изјава за МИА, посочува дека инклузивноста е секогаш добредојдена за да се соочат аргументите „за“ и „против“ и да се избере најдоброто.

– Дијалогот, дискусијата и слушањето на различни мислења кои ќе дадат придонес во креирање на најдобрите политики за општ развој на државата е пристапот во моето работење и на инститиуцијата која ја раководам. Во таа насока ја гледам и дискусијата која треба да почне во среда за Предлог-буџетот за 2023 година. Тоа е дел од тој транспарентен и демократски процес на носење на овој најзначен документ кој ги содржи политиките и мерките што ќе се спроведуваат во текот на наредната година. Очекувам голем интерес за дискусија, имајќи го предвид тековниот глобален контекст, како и новите карактеристики на Буџетот, кој првпат се подготвува согласно новиот Закон за буџети, вели Бесими.

Економскиот раст на домашната економија е проектиран на 2,9 проценти, а стапката на инфлација на 7,1 процент. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите се на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП.

– Предложениот Буџет претставува сеопфатен план на сите политики и мерки што ќе ги спроведува Владата во текот на следната фискална година., а кои треба да помогнат во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, исполнување на НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување и да обезбеди забрзување на економскиот раст. Исто така, тој е дизајниранза исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување на фискална одржливост, појаснува Бесими.

Собраниската дебата за Предлог-буџетот трае 10 дена.