Со руска и кинеска вакцина нема влез во ресторани во Австрија

Министерството за здравство на Австрија објави дека лицата кои биле вакцинирани во странство со руска или кинеска вакцина против коронавирусот нема да бидат третирани како вакцинирани, односно нема да можат да користат угостителски услуги, хотели, фризери без негативен тест.

„Зелениот пасош“, што Австрија го воведува како „билет“ за угостителски објекти, базени и хотели, нема да може да вклучува вакцини кои не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), поточно руската – Спутник В и кинеската Синофарм, пренесува Независен.

Сите оние кои биле вакцинирани во странство со тие вакцини, ќе треба да бидат тестирани пред да ги користат „слободите“ што ќе следат со олеснување на мерките од 19 мај, соопшти Министерството.

„Како доказ за вакцинирање, ќе бидат потврдени само оние вакцини одобрени од ЕМА, имено Бионтех-Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон и Џонсон“, се вели во соопштението на Министерството.