Пишува: М-р Свето Тоевски
„Кога САД, ЕУ и другите ти викат елај во ЕУ, многу појке ти викат да си ја чуваш таткојната Македонија. Само ако је чоек неумен, не ќе знаит и не ќе сфатит оти таткојната му је најмила на векот, помила и од ЕУ и од се друго. Македонија је многу таткој, таа је хилјади мајки, таа је неброани браќа, кои не ќе најдиме во ЕУ, ни кај било вон таткојната. Еден чоек шчо не си а милвит таткојната Македонија, а ќе дадит глас за менвање на Уставот, тој не е ни чоек, ни Македонец, оти ќе дадит глас за примрение на Македонија и на Македонците.“
На ваков начин го ставам тестаменталното завештание на македонскиот поет Григор Прличев од 1866 година како да се „милви таткојната“ во контекстот на сегашните настојувања на оваа Влада и на меѓународните чинители по секоја цена да се смени Уставот на Македонија, заради „отворањето на преговорите и зачленувањето во ЕУ“.
Никовски: „Уставни промени заради бугаризација на Македонците и создавање ‘Велика Албанија“
Потребно е низ објективна политиколошка анализа пред македонската нација да се разјаснат најважните моментни случувања на македонската сцена и да се поврзат во една целина, во една поширока слика. Македонскиот дипломат Ристо Никовски се огласи во јавноста со своја анализа, во која јасно укажа дека „официјална Тирана има интерес Бугарите да влезат во Уставот на Македонија, за да започнат процесите на бугаризација на Македонците и на создавањето ‘Велика Албанија’.“ Во светлината на овој став треба да се толкува апсолутната дискреција, со која беше обвиена средбата на албанскиот премиер Еди Рама во Тирана на 10 јануари со лидерите на четирите албански партии од Македонија. Без оглед што лидерот на Беса Билал Касами не дошол на таа средба, од вчера и тој фаќа приклучок кон „тиранскиот договор“ со својата изјава дека „Рама ќе треба да биде коректор, или гарант за унапредувањето на правата на Албанците во *Македонија“. Тој најави и своја средба со Рама во наредните денови.
На таа средба се договорени натамошните активности на обединетиот албански чинител во Македонија, заради внесување на албанската државотворна агенда во Уставот на Македонија, низ директна и постојана координација и со официјална Софија. Напоредно со Албанија, исто така и Бугарија цели да ја внесе својата бугарска државотворна агенда во највисокиот правно-политички акт на македонската држава. Внесувањето на овие две државотворни агенди во Уставот на македонската држава набргу ќе доведат до отстранување на македонската државотворна агенда, до уништување на државотворноста на македонската нација. Средбата за „Тиранската платформа 2“ беше одржана, откако можеби за тоа бил даден и сигнал од страна на одредени меѓународни центри на политичката моќ, кои и кумуваа и на „Тиранската платформа 1“ од 2016 година. Речиси ништо Албанците не преземаат, ако тоа не е искоординирано и ако не одобрено од нивните меѓународни политички покровители, се знае кои се.
Бугарите се веќе „домаќини“ на македонската територија и ја координираат својата државотворна агенда со албанската државотворна агенда
Владата на „северна“ веќе ги има започнато процесите на бугаризацијата на Македонија и Македонците со потпишувањето на „Договорот за добрососедство со Бугарија“. „Францускиот предлог“, „рамката за преговори со ЕУ“ и активностите на „Заедничката историска комисија“ ги ставија во „трета брзина“ тие процеси на бугаризација. Бугарите се веќе „домаќини“ на македонската територија! Што значат друго отворањата „бугарски културни клубови“ и особено „санстефанските“ говори на Џамбаски и Костадинов среде Скопје, кои Владата со својот молк и непостапување, всушност, ги дозволи, наспроти огромниот македонски револт?!
Но, претседателот на нововрховистичката Фондација „Македонија“ Виктор Стојанов се обидува сега уште повеќе да ја забрза бугаризацијата на Македонија со својот повик до „сите Бугари, бугарски политички партии и невладини организации на 4 февруари да дојдат во Скопје и да се поклонат на гробот на Бугаринот Гоце Делчев, за да ја прослават 151-годишнината од раѓањето на бугарскиот национален револуционер Георги Делчев во Скопје“ Дури се обезбедува и превоз, заради „масовно поклонување“! Најтешка можна провокација за Македонците и прашање е што се може да се случи на 4 февруари во таква крајно наелектризирана и антимакедонска ситуација…
Забрзуваат и албанските политички партии со своите барања од Уставот да се „отстрани навредливата формулација од 20 проценти за албанскиот јазик и за нив како нација“. Но, ова е всушност „чадна завеса“, за да се прикрие главната цел. За таа цел е, според сите изгледи, расправано и договарано на 10 јануари на средбата за „Тиранската платформа 2“. Албанскиот политички фактор поправо се откажува од натамошната примена на „Охридскиот рамковен договор“. Со менувањето на уставно-правниот статус на Албанците како „државотворен и автохтон народ“, што е повеќекратно навестена цел особено на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ќе се активира албанската државотворна агенда во западниот дел на македонската територија.
Што ќе им треба тогаш на Албанците „Рамковниот договор“ со Македонците? Зошто ќе бидат потребни уставно и законски одредени олку, или толку проценти, за да се добијат овие, или оние етнички права, кога Албанците ќе си ги дадат самите на себе своите етнички права во рамки на „својот дел“ од територијата на Македонија?
Во овој момент во најсуштинската смисла на зборот Македонците се наоѓаат и живеат во услови на бездржавие и безвластие на една територија, на една незаградена „селска јурија“ среде Балканот, која ја бијат ветрови од сите страни и која веќе започнаа мнозина да „рипаат“, за да ја преземат и да завладеат со неа. „Македонската куќа“ – Република Македонија не постои, само привремено, а сите посети на меѓународните емисари и државници значат само едно: дека престанува употребната вредност на привидната држава „северна“. Уставните измени би требало да го означат стартот на завршното уривање на овие преостанати какви-такви и колку-толку зачувани темели на македонската држава, за да се „насадат“ врз нив бугарската и албанската државотворна агенда. Уставните измени би требало да го официјализираат натпреварот не само кој ќе ја преземе „северната територија“, туку и кој ќе оствари доминантно геостратегиско и политичко влијание врз нејзините „нови стопани“.
„Македонска платформа“ врз илинденско-асномска основа како широка плаформа на отпорот на сиот македонски народ против разнебитувањето на државата со измените на Уставот
Никола Ѓурѓај, претседателот на Македонското друштво „Илиден“ од Тирана, како политички претставник на Македонците од Албанија, деновиве во јавноста упати повик за создавање „Македонска платформа за заштита и остварување на правата и барањата на македонските малцинства“ во Албанија, Бугарија и во другите држави на Балканот, каде што живеат Македонците. Но, потребна е „Македонска платформа“ врз илинденско-асномска основа не само заради нашите малцинства во соседството, туку како национална дејствителна платформа за покренување и сплотување на сиот македонски народ, заради отпор против измените на Уставот на Македонија и обидите за редефинирање на устројството на македонската држава, кои би ја разбиле нејзината унитарност. Со ова овде ја реактуелизирам својата иницијатива, која ја изнесов во јавноста во својата колумна со наслов „Итни промени врз ‘Македонска платформа’, за Македонците и сите граѓани“, објавен на интернет-страницата на „Експрес“ на 1.8.2022 година.
Албанците и нивните партии од Македонија се собраа во Тирана, надвор од државата, во која опстојуваат и реализираат активности, за да се издоговорат за примената на „Тиранската платформа 2“. Ако се свесни македонските политички партии – меѓу нив воопшто не сметам дека се наоѓа „трговското друштво за продажба на Македонија и Македонците“ СДСМ – дека со уставните измени неповратно ќе се уништат темелите на македонската држава и ќе се разнебити македонскиот идентитет, тогаш ќе мора неодложно да седнат и тие на заедничка маса, да ги тргнат барем за привремено сите свои кавги, нетрпеливости и да ги усвојат основните принципи на „Македонската платформа“.
Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, изнесе на својот фејсбук-профил изнесе исклучително важен став, кој мора да биде еден од главните принципи во „Македонската платформа“, особено и во дејствувањето на следната Влада на Македонија, по неизбежните предвремените парламентарни избори. Реплицирајќи им на Али Ахмети и на ДУИ во контекст на тоа кој со кого ќе коалицира и ќе создава следна Влада, Ковачки напиша: „Правилото на коалицирање победник со победник не важи и никаде не е запишано.“
Албанските партии во Македонија самите започнаа да се откажуваат од „Охридскиот рамковен договор““
Правилото „победник со победник“ е моделот на „споделена власт“ – „power sharing“, кој го наметнаа „меѓународните олеснувачи“ во „дијалогот меѓу македонската и албанската етничка заедница“ како еден од темелните принципи на „Охридскиот рамковен договор“, за да се прекине воениот судир во 2001 година. Од тој “Рамковен договор“ самите сега се откажуваат ДУИ и другите партии, барајќи уставни промени, заради новиот „државотворен третман на албанскиот етникум“ во Македонија. Еден од клучните „рамковни принципи“ е и „сразмерната и правична застапеност на етничките заедници“: вицепремиерот Артан Груби кажа неодамна дека во новите вработувања во државната и јавната администрација има дури 41 проценти од Албанци. Тоа значи дека неговата партија ДУИ веќе се откажува од „рамковно одредените“ 25 проценти, но и од „30-те проценти“, според фалсификуваниот попис, колкава што би требало да биде квотата за вработувања Албанци.
Со етничката (пре)застапеност на Албанците како вицепремиери, министри и заменици-министри во Владата и со (не)застапеноста на Македонците во Владата уште повеќе е „урната“ „сразмерната и правична застапеност на етничките заедници“, како столб на „Рамковниот договор“. Влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата ќе биде онаа капка, која ќе ја прелее чашата и етничката мајоризација врз Македонците во извршната власт ќе ја доведе на уште повисоко рамниште.
Кон крајот на минатогодишниот октомври лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицковски изнесе и уште еден став, кој се однесува на потребата да се редефинира целосно политичкиот систем на Македонија, за да функционира многу поефикасно и врз принципи на вистинска рамноправност на сите граѓани и етникуми во неа како држава. „Треба да разговараме и за нормата ‘бадинтер“ и за нормата ‘балансер’, за да имаме фер-систем во Македонија, каде што луѓето нема да напредуваат, поради тоа што се дел од ненаква си бројка, квота или процент, туку затоа што вредат.“ – имаше нагласено Мицкоски. Овде ги надоврзуваме сите многубројни злоупотреби на „врамнотежувачот“ – „балансерот“ од страна на Роми, Турци и Македонци, кои лажно се прикажувале како Албанци, за да се вработат во рамки на „нивните квоти“ во некоја од државните институции.
Сево ова се моменти, кои можат и треба да бидат разрешени со националната „Македонска платформа“, значи не само заради градење национален бедем против апокалиптичните уставни измени, кои не смеат да се случат по ниедна цена. „Рамковниот договор“ го воведе принципот на консензуалната, „договорна демократија“ во македонската политичка пракса и ја претвори Македонија во полуфедерализирана држава, во која „етнички племиња“ се договараат за се и сешто. Ако не се договорат, тогаш системот (ќе) се парализира. „Македонската платформа“ ќе треба да ги зацрта основните контури во возобновувањето на Македонија како држава.
Обнова на македонската државност во корист и за благостојба за секој граѓанин и за секој етникум
На почетокот на годинашниов јануари Ивица Боцевски укажа на еден момент, кој ќе мора да биде, исто така, еден од клучните принципи на националната „Македонска платформа“: „За која било демократска политичка партија ќе биде неможно да излезе пред граѓаните и да го бара мандатот за водење Влада без јасно обврзување дека среднорочно и долгорочно ќе работи на поништување на Преспанскиот договор и на одредбите од преговарачката рамка со ЕУ“. Боцевски укажува на основното барање, кое македонската нација веќе неколку години го поставува пред секоја македонска партија, што ќе се однесува и на онаа партија, која ќе го добие мандатот да ја формира следната Влада: поништување на „Преспанскиот“, но и на комплетниот „Бугарски договор“ со сите негови дополни. Колку и да ќе претставува тоа „(не)возможна мисија“ со оглед на извесните огромни спротивставувања од меѓународните фактори. Но, не “среднорочно и долгорочно“ работење на поништувањето, туку реалполитички колку ќе биде можно во покус временски рок.
Изнесувајќи заложба за изградување национална „Македонска платформа“ и став дека „Охридскиот договор“ треба да се замени со нови акти и принципи на функционирањето на македонската држава во корист и за благостојба на секој граѓанин и за секој етникум, со што само се надоврзувам кон албанските политички партии, не пројавувам ставови на нетрпеливост, ниту на исклучување кој било етникум. Напротив, со почит се однесувам кон сите и иста таква почит барам да се пројави и кон мојот македонски народ и кон Македонија.