Со кожен волан и шест звучници полесно се лекува ковид-19

Со парите за справување со пандемијата на ковид-19 државна институција купила автомобил со кожен волан, 6 звучници и металик боја. Граѓаните на социјалните мрежи се шегуваат дека власта можеби сакала да ја преплаши короната со прегласна музика.

Државна институција набавила автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја од парите за справување со пандемијата на коронавирус, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации. Не беше посочена институцијата што го набавила возилото, ниту за каква кола се работи.

Вториот полугодишен извештај за набавките за ковид-19 во 2021 година на ЦГК покажува дека јавните набавки поврзани со Ковид-19 „изобилуваат со проблеми и ризици од корупција“. Како јавни набавки за КОВИД-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со кризата, стои во извештајот.

Граѓаните на социјалните мрежи се шегуваат дека е општо познато дека кожниот волан лечи корона.