Премиерот Зоран Заев индиректно призна дека стои зад апсењата на Орце Камчев и Сашо Мијалков, анализира Плусинфо, откако на некои македонски портали започна да се објавува банер, во кој на црна позадина се гледаат ликовите на бизнисменот и на поранешниот директор на УБК. Меѓу двата лика стои паролата „Нема недопирливи“.

Ако кликнете на банерот, тој води директно до страната на кампањата на СДСМ „Најдборото за мојата општина“ и до ликот на Зоран Заев.

Камчев е обвинет во случајот „Плацови на Водно“ и повеќе од шест месеци е во притвор, подложен на нехуман и понижувачки третман. Првостепена пресуда во овој случај нема. Сашо Мијалков исто така е во притвор, во очекување на второстепена пресуда од Апелацискиот суд.

– Нема сомневање дека лозунгот „Нема недопирливи“ и фотографијата на Зоран Заев со логото на СДСМ е порака дека премиерот и владејачката партија директно стојат зад апсењата на Камчев и на Мијалков, зад сомнителните одлуки за притвори и зад однесувањето на обвинителите и на судиите. Во јавноста се пласира порака дека Заев лично е заслужен за тоа што двајцата „недопирливи“ се зад решетки, што го оспорува неговото тврдење дека тоа е работа на органите на прогонот и на правосудните органи и дека тој, како претставник на извршната власт и како лидер на политичка партија, не се меша во нивната работа. Мислам дека овој банер од црната кампања е голем гаф на СДСМ и на Заев лично – вели експерт за маркетинг за Плусинфо.

Црната кампања не е законски забранета, објаснува тој, но со конкретниот банер се испраќа јасна и недвосмислена порака дека во Македонија не само што се крши начелото на презумпција на невиност, туку директно се признава дека партијата на власт и премиерот директно ги контролираат правосудните органи.

Од Плусинфо побарале став од одбраната на Орце Камчев дали ќе реагира во врска со црната кампања во која е злоупотребен нејзиниот клиент.

– За ова веќе се известени странски дипломатски претставништва и други меѓународни институции. Случајот на нашиот клиент се интернационализира и веќе среќаваме написи во странски медиуми за тоа дека е незаконски притворен, дека судскиот предмет е сомнително инициран и дека господинот Камчев е изложен на нехуман и понижувачки третман со големи ризици по неговото здравје. Овој банер е директен доказ кој стои зад тортурата – изјавиле од одбраната на Камчев.