Снопче: Спасовски да си поднесе оставка

Пратеникот од Алијанса за Албанците Халил Снопче денеска го повика министерот за внатрешни работи да поднесе оставка поради даденото македонско државјанство на рускиот олигарх и поранешен украински политичар, Oлександар Oнишченко во нетранспарентна владина постапка, а кого Украина го бара за перење пари и е на црната листа на САД како соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Снопче рече дека во партијата се крајно вознемирени од новинарските текстови за овој скандал кои ги прочитале и оцени дека е поткопана и македонската и меѓународната безбедност.

„Пребеганиот руски политичар баран од Украина, кој е и на списокот на САД на личности кон кои се преземени санкции, се здоби со македонско државјанство преку целосно нетранспарентна одлука на владата. Oлександар Oнишченко е поранешен пратеник во украинскиот парламент, близок до поранешниот претседател Виктор Јанукович, марионета на Владимир Путин. Oнишченко побегна од Украина во 2016 година, откако украинската антикорупциска комисија отвори истрага против него за перење пари и корупција. Оттогаш тој е во егзил и ниту една западна земја не му понуди правна заштита. Унишченко оттогаш е на списокот со потерници на Украина, а од јануари 2021 година е и на списокот за санкции на САД”, изјави Снопче


Тој нагласи дека и покрај ваквите факти за олигархот, нему македонско државјанство му е дадено на 31 мај годинава, а откако се нашол на американската црна листа. Снопче побара Владата да му го одземе државјанството и да се понесе одговорност.