Првиот македонски крафт џин, Смидџин на 13 декември ќе прослави една година од своето постоење, а веќе ја испишува својата убава и успешна приказна, како на македонскиот, така и на светскиот пазар.
Приказната започнува пред пет години, кога двајца вљубеници во џин, Македонецот Иван Скендеровски и Шкотот Греам Лоутер сакаат да произведат пијалок чии што состојки главно ќе преовладуваат од ова поднебје.
„Бевме во Шкотска и Англија каде што посетивме крафт дестиларии од истиот овој тип и сфативме горе-долу што сакаме да добиеме. При посетата ни подарија мал деестилатор и кога се вративме во Македонија го монтирав дома на шпорет и на чешма и почнав со дестилации.
Првично направивме 42 дестилации од сите тревки и овошја кои се наоѓаат во државата, за да видиме што е тоа што нам би ни се вклопило, во тоа време во нашиот пијалок“ – раскажува за еМагазин Милица Плетварски мастер дестилер на Смидџин.
По четири години подготовка на рецептурата, но и вадење на сета потребна документација и лиценци за производство, се раќа првиот македонски крафт џин.
Главна состојка е дивата смрека од Галичица, но има и 12 други билки кои се од различни делови на Македонија.
„Многу беше интересно, кога се правеа пробите користев планински чај од источна Македонија. Но кога почнавме да користиме планински чај од Галичица, 18 пати ја намалив дозата на негова употреба во џинот“ додава Плетварски.
Природните состојки кои се користат во производството на Смидџин освен од Македонија се земаат и од странство, како бибер, семки од коријандер, кора од циметово дрво, кои се носат од Индија и Шри Ланка.
Плетварски вели дека најубавото кај џинот е се што гледаш, мирисаш, пробуваш за да видиш како ќе излезе.
„Се што е околу нас како состојка, може да се стави. Џинот дава можност за изразување и креативност“ додава таа.
Летово се родила идеја и за нов вкус на Смидџин, пијалок кој е обоен и цитрусен. Во Македонија, вели Плетварски, во тренд е пиењето на обоен џин.
„Од она што го купивме на пазарот за да го испробаме, заклучивме дека содржи многу вештачки ароми, бои и шеќери. Ние сакавме да биде природен без шеќер. Избравме, на постоечкиот Смидџин да додадеме боровница, брусница, лаванда, шипка и така се роди Смидџин Велвет.
Самиот џин е обоен природно со растението Тајландска љубичица. Бојата е индиго-сина, но во зависност од пе-ха средината, се менува и бојата од зелено до розово.
На овој џин, ако додадете тоник, бојата станува нежно розова, ако додадете киселва вода станува зелена. Најголемиот предизвик беше џинот да не е благ, бидејќи жените што пијат џин внимаваат и на изгледот и на килограмите.
Во моментов во мода се ароматизирани и здрави пијалоци,а џинот го содржи сето тоа, бидејќи во себе содржи здрави тревки“ додава Плетварски.
Во дестиларата Смидџин, која се наоѓа во ниско приземје на објектот МЦМ во парк и е одлично место за дружба и организација на креативни настани, се крчка нов производ Спајсид, кој треба да биде пуштен зимава.
Вкусовите кои ќе преовладуваат кај овој џин се карактеристични за овој период од годината, како цимет, каранфилче, цитрусни ноти.
Пред новогодишните празници, вреди да се спомене дека џинот Смидџин е одлична идеја и за подарок, бидејќи е убаво спакуван во кутии, во комбинација со специјални чаши.
Може да се купи како во самата дестилара, така и во сите полуксузно снабдени продавници за алкохол.
Смидџин во превод значи мало и перфектно, што одлично му прилега, иако првично требало да се вика Хетерој, како шлемот на војниците на Александар Македонски.
Иако посои само една година, Смидџин се вброи во шесте најдобри џина во светот.
„Во меѓувреме нашиот џин го испраќаме на различни натпревари, бидејќи сакаме да го слушнеме мислењето на специјалистите, за да кажат дали е добар или не.
На наголемиот натпревар за џин „Џин гајд“ кој што е независен интернационален натпревар, добивме награда за надобар џин од подрачјето на средна Европа како „крафт џин“ и добивме награда за најдобар помеѓу шесте џинови на ниво на светот. Ова за нас е многу голема награда“ вели Плетварски.