Историчарот Александар Литовски кој беше дел од историската комисија со Бугарија по што беше сменет од министерот Бујар Османи открива тешки злосторства на бугарската фашистичка армија во втората светска војна насочени кон Македонци.
Литовски кој е долгогодишен член на СДСМ но не се согласуваше со начинот на кој македонските власти правеа компромиси со Бугарија во комисијата, во својата најнова колумна се занимава со феноменот на ,,антикомунизам” и притоа објавува сведоштва за злосторства од бугарската фашистичка војска врз цивили Македонци.
,,Наспроти антикомунистичкиот и профашистички молк на јавната македонска сцена за ѕверствата против македонските патриоти од времето кога фашистичките антикомунисти „администрираа“ по македонските села, градови, низини и планини, би ги пренел автентични зборови од еден партизански документ, од март 1944 година, каде, буквално, е запишано и следното:
„По повлекувањето на I МКУБ [Првата македонско-косовска ударна бригада] од с. Никодим, одма упаднала буг.[арска] војска, која ги собрала сите селани на сред-село и офицеро (ко шо кажува, бил гестаповецо поручник Кацаров) ги тепал со камшик, карајки им е мајката зато шо биле „сичките комунисти“.
После тоа дошто бил маш во селото: крив, сакат, болен и сл.[ично] све собрале и ги донесле во Прилеп… Во Пр.[илеп] се држани 6 дена, саслушавани по неколку пати, поединци од ним прилично тепани. Во Никодин има изгорено 4 плевни… 2 партиз[ани] убиени и фрлени кај воденицата Плетварска и 6 мина над воденицата, кај чешмата. Сите голи слечени и дупени со ножој.
Од ними познале 1 от Пр[илеп], 1 од Дебарца, 1 од Преспа, другите не се знајат…
7 наши борци кои се склониле во Крапјанските колиби, издадени сет от страна на Дражиќевците на буг[арската] војска и сите се ватени. Тие ги однесле на „Барбарас“ [близу до Дебрешките чешми], каде добиле нареѓење да ликвидираат со ним. Прво се слечени голи, па после стрељани. От како ги истепале, прајле от ними ‘крстица’ каде другарката која била измеѓу ними е кладена најзгора.
Некој от буг[арските] војници барале да видат дали е убиената другарка жена или девица и е дупеле со ножојте измеѓу бутојте и вршеле разни други мизерии. После неколку дена Дебрешките селани ги закопале. Над Десо[во], от буг.[арски] заседи, убиени се 4 другари…
Сите 4-ца недотепани слекувани се голи и поново стрељани на растојање от 2 метра. Со ними била 1 др-ка [другарката], санитарка. која е била ранета на 9 места, но успева да се довлечи до 1 трло и бидува спасена…
Се знај уше за 1 борец кој бил фатен кај тунело [Богомилски]. Него го прашале шо е по народнос. Тој одговорил „Македонец – болшевик“. Кога почнале да му поставува уше прашања му се здодејало и му извикал: ‘Доста бе кучиња. Си е продадовте вашата земја, па сега дојдовте и нашата да е продавате и ги убивате незините најарни синој’…“
Бидејќи ваквите историски факти („Македонец-болшевик“) се јасно прокомунистички и промакедонстички обоени, на крајот треба да се постават, барем, неколку реторички прашања: Кој ги крие со децении ваквите сознанија од минатото на Македонија? Кој антикомунистички центри вршат историографска цензура? И до кога во име на „европскиот пат“ ќе се убива вистината и македонскиот национален идентитет? А, во контекст на фактот што исти ликови еднаш се носители на антикомунизмот и бугаризмот во граѓанско (?) здружение „Тодор Александров“, а еднаш во „Клуб Ванчо Михајлов. ВМРО“, да прашаме, па оние наши „големи историчари“ и „конзервативни демохристијански политичари“, кои со децении ни го рехабилитираат врховизмот преку ликот и делото на Тодор Александров, да ни објаснат: Која е разликата меѓу Ванчо и Тодор? И, дали наредниот монументален споменик, исто онаков како постојниот во скопска Кисела Вода, ќе биде за Тодоровиот личен секретар Ванчо?”, прашува историчарот Александар Литовски.
Целата колумна на овој ЛИНК