Слово за нацијата – пишува проф. Ганка Цветанова

Проф. Ганка Цветанова

Имајќи во предвид дека ниту една нација или, пак, јазик е невозможно да се создаде/измисли со било каква одлука, оваа колумна е замислена како поучно четиво наменето за оние кои во изминатиов период од петни жили се трудат да нè убедат во вистинитоста на тезите дека:

1. македонската нација е вештачка творба;

2. македонската нација е создадена со декрет на АСНОМ и

3. македонскиот јазик е измислен со декрет на АСНОМ.

Колумната ќе има уште две продолженија.

Во првиот дел ќе се осврнам за начинот на создавање на нациите (вклучително и македонската), во вториот за врската помеѓу државата и нацијата а во третиот дел – за јазикот.

Нацијата, како специфична форма на политичко организирање е создадена некаде меѓу XVI и XIX век во Западна Европа и во Северна Америка, а понатаму распространета во целиот свет.

Значителен број од нациите во Централна и Источна Европа, пак, се формирале и дефинирале како такви дури по распадот на Австроунгарската и Отоманската империја. Според начинот на своето создавање, нацијата претставува историска и социјална конструкција.

Ернест Гелнер, социјален антрополог и еден од најголемите теоретичари за нацијата, вели дека нациите не се дадени од Бога бидејќи тие не се впишани во природата на нештата, ниту пак се ентитети кои постоеле од секогаш.

Во таа смисла, за сите нации на Земјината топка, без исклучок, би можеле да кажеме дека се вештачки творби. Сепак, согласно антрополошкото гледиште, нацијата не би можеле да ја категоризираме како вештачка творба.

Имено, нацијата не би можела да настане ако претходно не постоело чувство на заедничка припадност кон одредена историска, културна или јазична заедница од што, пак, произлегува волјата и обединетоста на припадниците на заедницата да пристапат кон реализација на политичкиот проект за создавање на нацијата.

Оваа фаза, во која нацијата сè уште не е формирана, но постои чувство на припадност кон заедницата како и свесност за посебноста на јазикот и културата, некои теоретичари (Мирослав Хрох, Ерик Хобсабум) ја нарекуваат фаза на политизирање на културниот национализам или фаза на прото-национализам.

Во оваа фаза за првпат се појавуваат поборници на идејата за создавање на нацијата, повикувајќи се на посебноста на јазикот, етничноста, религијата и свеста за припадност кон траен политички субјект.

Фазата на прото-национализмот кај македонскиот народ ја препознаваме во периодот на македонската Преродба, кога македонската нација сè уште не е формирана но се јавува свесноста за посебноста на македонскиот јазик и култура.

Еден од првите преродбеници Ѓорѓија Пулевски, кој имал изразено јасни ставови за своето потекло и припадност, започнува да ја шири идејата за посебноста на македонскиот јазик и македонскиот народ. Во неговиот Речник од три јазика (1875), каде што македонскиот текст го преведува на турски, грчки и албански, Пулевски ќе напише: „Народ се велат луѓе кои се од еден род и кои зборуваат на еден јазик, кои живеат и се дружат меѓусебно и имаат исти обичаи, песни и веселби.

Тие луѓе ги нарекуваме народ, а местото каде живее народот се нарекува татковина. Така и Македонците се народ и нивното место е Македонија“. Во 1880 во Софија, Пулевски ја објавува првата публикувана граматика на македонски јазик „Славјанско-населенски македонска слогница речовска“, каде што ја изнесува идејата за единствен народен јазик, изграден на народна основа.

Една година пред неговата смрт (1892), Пулевски ја напишал и првата историја на македонскиот народ, наречена „Славјанско-македонска општа историја“.
Во последните две децении на XIX и почетокот на XX век, македонската интелигенција која живеела и се школувала во Бугарија, Србија и Русија, ја започнала својата дејност промовирајќи ја идејата за посебноста на македонскиот јазик и правото на самоопределување на народот.

Младата македонска книжевна дружина, во која членувале Петар Поп Арсов, Гоце Делчев, Ѓорѓија Пулевски, Даме Груев, Ѓорче Петров, Крсте П. Мисирков, Војдан Чернодрински, Христо Матов и др., во првиот број на списанието „Лоза“ објавен во Софија во 1892, ќе повика на обединување на македонскиот народ, соединување во една општа, моќна народна сила: „Тоа треба да биде стремежот на секој штогоде чувствителен Македонец, каде и да се наоѓа тој“.

Во еден друг текст со наслов: „Неколку зборови по прашањето за народноста“, тие ќе ги изнесат своите ставови во однос на правото на самоопределување и формирање самостојна држава, повикувајќи се на народноста како основа на секоја држава но и обратно, дека на секоја народност треба да ѝ се даде можност да создаде своја самостојна држава.

Во руската престолнина, на 28 октомври 1902, Стефан Ј. Дедов, Дијамандија Т. Мишајков, Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Гаврил Константинович и други, го основаат Македонското научно-литературно другарство.

Набргу потоа, Другарството испраќа Меморандум до руската влада во кој за првпат сеопфатно го елаборира прашањата за потребата од издигнување на македонскиот јазик на степен на литературен за сите Македонци, бара обновување на Охридската архиепископија како македонска национална црква и признавањето на Македонците како одделна словенска народност со извојување на полна автономија на Македонија во рамките на Отоманската Империја, како привремено и неопходно решение.

Во Меморандум се повикуваат на етнографско и јазично единство во Македонија. Повикуваат на отстранување на српската и на бугарската пропаганда и воспитување на Македонците во духот на нивниот роден јазик. Меморандумот на Другарството е идеолошката платформа врз која се темели Мисирковата книга „За македонцките работи“, објавена во Софија во 1903.

Пулевски, Мисирков, Лозарите и членовите на Македонското научно-литературно другарство се само дел од македонските преродбеници кои започнале да ја промовираат идејата за посебноста на македонскиот јазик и култура, посебноста на народот, а со тоа и правото на негово самоопределување.

Македонската Преродба или фазата на македонскиот прото-национализам се одвивала во континуитет, паралелно и во целосна согласност со вообичаените европски текови.

Овој дел од развојниот пат на македонското национално движење ги поставил темелите и го трасирал патот за признавање на посебноста на македонскиот народ, неговото право на самоопределување, како и правото слободно да го дефинира својот внатрешен но и меѓународен политички статус.

Со други зборови, создал предуслови за дефинирање и етаблирање на македонската нација за што поконкретно ќе се осврнам во следното продолжение.