Словенија ќе ѝ донира 28 тенка на Украина, најверојатно постарите М-55 С, бидејќи поновите Т-84 се во употреба, а во замена ќе добие 40 транспортни возила од Германија, и тоа 35 тешки товарни камиони 8х8 и пет тешки цистерни за вода 8х8, кои ќе служат и за заштита и спасување.
Договорот за размена на тенкови за камиони го склучија германскиот канцелар Олаф Шолц и словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Германците, кои не сакаат да ги испратат своите оклопни возила на бојното поле во Украина, првично ѝ понудија постари оклопни возила за размена, но Словенија претпочиташе товарни камиони и цистерни за вода. Проценетата вредност на еден камион на пазарот е околу половина милион евра.
Од кабинетот на премиерот истакнаа дека договорот е постигнат во духот на солидарноста со украинската нација која се соочува со руска агресија и оти оваа кружна размена ќе ја зајакне и одбранбената соработка меѓу двете земји.
Тенковите М-55 С, кои се складирани од словенечката армија, се борбени возила со реактивен оклоп и моќно оружје, дизајнирани да уништат непријателска жива сила, оклопни возила и други борбени возила. Станува збор за надградба на тенкот Т-55, кој беше развиен на крајот на Втората светска војна и служеше како главен борбен тенк на Советскиот сојуз. Југославија ги модифицира овие тенкови и ги преименува во М-55.
Пред неколку месеци двете земји разговараа и за можноста Словенија да испрати свои тенкови М-84 во Украина.
Словенија ја направи првата сериозна донација за Украина во јуни оваа година, конкретно 35 оклопни пешадиски амфибиски возила. Тие беа складирани и конзервирани меѓу тенкови и други оклопни возила во близина на Пивка долги години, а деконзервирањето траеше неколку недели. Во замена за донацијата Словенија доби значителен кредит од САД, кој треба да го искористи за опремата што ѝ е потребна за своето работење.