Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар за словенечката телевизија N1 потврди дека Словенија ќе го суспендира Шенген и ќе воведе гранична контрола со Хрватска и Унгарија. Тој рече дека за ова веќе ги информирал министрите за внатрешни работи на Унгарија и Хрватска.
Според него, Министерството веќе има подготвено известување согласно Шенген-кодексот, кое Владата ќе го одобри и потоа ќе го испрати до Европската комисија.
Причината за воведувањето на оваа привремена мерка е иста како и во Италија: зголемување на заканата од тероризам во Европа.
„Гледаме што се случи во Франција и Белгија. Словенија не е исклучок“, предупреди Поклукар, додавајќи дека сакаат да обезбедат превентивни дополнителни проверки на балканската бегалска рута.
Словенечкиот министер не сакаше да открие кога полицајците ќе почнат со контроли на граница бидејќи за воведувањето допрва треба да разговараат Владата и Европската комисија.
„Верувам дека со тоа ја зголемуваме безбедноста на Словенија, која е на прво место. Ситуацијата на Блискиот Исток е комплицирана, мораме да направиме се што сме должни за безбедноста на Словенија“, посочи Поклукар.
Тој нагласи дека ќе се обиде да им го направи животот што помалку комплициран за луѓето кои секојдневно ја минуваат границата. И началниците на словенечката и италијанската полиција ќе договорат имплементација на мерките во таа област.
Сето ова значи дека Хрватска наскоро ќе остане без Шенген, според Словенија, нецела година од неговото воведување.
Италија претходно ја известила Словенија дека поради променетата состојба во Европа и Блискиот Исток воведува гранични контроли со Словенија, соопшти словенечкото МВР, а потоа Словенија одлучила да воведе гранични контроли со Хрватска и Унгарија.