Словенија: Двајца одат во вториот круг претседателски избори

Со преброени 99 отсто од гласовите, Логар, поранешен министер за надворешни работи во претходната конзервативна влада, освои 34 отсто од гласовите, во првиот круг претседателски избори во Словенија.

Неговата главна ривалка, поранешниот шеф на словенечката управа за заштита на податоците, независната кандидатка на левиот центар Наташа Пирц Мусар, доби 27 отсто од гласовите.

Околу 1,7 милиони гласачи ќе одлучуваат за новиот претседател во вториот круг од изборите закажан за 13 ноември.

Логар(46) е член на Словенечката демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша, кој беше разрешен пролетта по контроверзниот мандат проследен со бројни демонстрации.

Неговата противкандидатка, адвокатката Наташа Пирц Мусар(54), синоќа изрази надеж дека ќе биде првата жена што ќе ја предводи Словенија.