Најдобриот стрелец во историјата на фудбалската репрезентација на Словенија, Златко Заховиќ, не ги крие симпатиите кон Македонија, ниту својата најава дека токму поради тоа ќе навива и за дебитантот на претстојното Европско првенство, покрај за бранителот на титулата Португалија и за Хрватска.

„Тука нема дилеми. Ќе навивам за Португалија. Симпатична ми е и Македонија поради тоа што е слична на нас. Мала држава е, а ние добро знаеме низ што мораат да поминат малите држави за да се пласираат на вакво натпреварување. Ќе навивам и за Хрватска“, за словенечкот портал „Сиол.нет“ изјави 50-годишникот со 80 настапи и 35 гола за Словенија.

За настапот на Македонија на ЕП комплименти и од Боштјан Цесар, рекордерот со 101 настап за „змајчеки“.

„Се радувам за Македонците. Затоа е интересен фудбалот, дека на Евро доаѓаат и нови репрезентации. Јас и Пандев имавме големи битки во Италија, знам колку голем професионалец е. Тој го заслужи ова и од срце му честитам за ваквиот врв во кариерата. На Македонците би им посакал да играат добро“, изјави 38-годишниот поранешен дефанзивец на Киево.