„Слонот на стаклени нозе“ што им се сили само на мали земји како Македонија – пишува Свето Тоевски

За првпат откако Македонија го започна својот трнлив пат кон ЕУ само 53 отсто од испитаниците од Македонија одговориле дека членството ќе биде добра работа. Ова е податок од последното истражување на „Балкан барометар 2021“ на Регионалниот совет за соработка.

Но, категорично тврдам дека со примена на длабинска анализа според принципите на квалитативната политичка методологија, која се нурнува во самата суштина на анализираната појава на евроинтеграцијата на Македонија, ќе може да се заклучи диференцирано дека поодделно кај Македонците на рамниште на цел етникум поддршката за влегувањето во ЕУ не е ниту половина од тие наведени 53 проценти.

Според истражувањето на „Балкан барометар 2021“, најголеми оптимисти се граѓаните на Косово и Албанија, каде што 91 отсто и 84 отсто од анкетираните гледаат позитивно на членството во ЕУ.

Идентично е и со Албанците во Македонија, кои исто така во сличен процент се и натаму со големи очекувања Македонија час поскоро да започне преговори со ЕУ, а потоа да започне со отворање на тематските поглавја во рамки на преговорите. Албанското население во Македонија со своите позитивни ЕУ – ставови го крева вкупниот процент до оние 53 отсто.

За одбележување и е тоа дека од анкетираните во Македонија 21 отсто веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, 31 отсто до 2030 година, а исто толку воопшто не веруваат дека некогаш ќе биде примена во ЕУ.

Ова што се случува со рејтингот на Европската Унија и во Македонија е само уште еден одраз на растечката одбивност и негативните погледи наспрема ЕУ, кои се шират се повеќе меѓу граѓаните на европскиот континент.

Сумирајќи во својата истражувачка студија „Политичките ставови на поделените европски граѓани“, објавена годинава, дека „сега повеќе од кога било досега постои спор за идниот облик на ЕУ, затоа што партиите и групите критички настроени кон Европа се мобилизираат многу успешно против ЕУ и против проевропските влади во различните земји-членки“, Кристијан Лахусен, професор по социологија на Универзитетот во Зиген, во Германија, од ставовите на граѓаните во ЕУ извлекува и констатација дека политиката на официјален Брисел се доживува се повеќе како елитистичка и како закана за подделните национални идентитети и култури.

Овој заклучок е од директно значење и за евроинтеграцијата на Македонија и поодделно на македонскиот етникум: „ЕУ станува политизирана поради разидувањето на националните интереси (на поодделните држави – членки на ЕУ – заб.моја) и со оглед на растечката загриженоста на јавноста поради заканите кон националните култури и идентитети. …

Евроскептицизмот станува се повеќе популистички и задобива антиелитистичка ориентација… Популистичката мобилизација против политичкиот естаблишмент исто така станува се повеќе европска критична мобилизација против владеењето на Брисел.“

Поврзано со прашањето на идентитетите и културите на нациите во Европа, да фрлиме само еден кус поглед врз она што го има запишано самата ЕУ во своите основни документи. Во Преамбулата на „Повелбата на фундаменталните права“ на ЕУ пишува: „ЕУ придонесува кон заштитата и развојот на заедничките вредности преку почитување на различноста на културите и традициите на народите на Европа како и на националните идентитети на државите – членки на ЕУ.“ Во членот 6 (3), порано член Ф (1) на „Договорот на ЕУ“ се нагласува: „ЕУ ќе ги почитува националните идентитети на своите држави – членки, чии системи на владеење се засновани врз принципите на демократијата“.
Е, сега конкретно прашање: колку тоа ЕУ со своите досегашни однесувања кон Македонија и кон Македонците како народ ги испочитувала овие свои темелни принципи? Или, колку ги испогазила, застанувајќи на страната на Грција и сега на Бугарија и на нивните стремежи од 19-тиот век преку „добрососедските договори“ да ги поништат целосно македонскиот етнички идентитет и македонскиот јазик, како и да ги присвојат историјата, културата и традициите на македонскиот народ? И сега колкав може да биде вистинскиот процент на Македонците, кои не се чувствуваат баш како „државјани на северна“, кои ќе одговорат позитивно на прашањето дали евроинтегрирањето е добра работа? Баш 53 отсто, или поточно за колку под 53 проценти?
Во својата аналитичка статија „ЕУ – слонот: Европа во 2021 – холандските општи избори“ објавена годинава, Симон Отјес, професор по политички науки на универзитетите во Леиден и Гронинген, во Холандија, за Европската Унија на неколку места ја користи подбивната квалификација „ЕУ – слон“. На мартовските парламентарни избори во Холандија двете „тврдо – евроскептички партии“ „Партијата на слободата“ на Герт Вилдерс и „Форумот за демократија“ на Тиери Боде освоија заедно 25 места во Парламентот, а порано имаа 22 места. Еврофедералистичките партии освоија 27 мандати, претходно имаа 19, а проевропските партии освоија 18 места во Парламентот додека порано имаа 23. Може да се констатира дека и во Холандија постои онаа поделеност „за“ или „против“ ЕУ меѓу граѓаните, за која обопштено говори професорот Кристијан Лахусен. За двете „тврдо – евроскептички партии“ во својата статија професорот Отјес истакнува: „Овие партии се залагаат Холандија да ја напушти ЕУ. За овие партии ЕУ стана монструозност, која не може да се реформира.“
Но, да се вратиме на состојбите со евроинтеграцијата на Македонија и да заклучиме со нив. И најновата сондажа на „Балкан барометар 2021“ покажа на опасниот расцеп врз етничка основа меѓу севкупното население во Македонија: од едната страна се поголем број Македонци веќе креваат раце од ЕУ, бидејќи не се согласуваат кога еврократите од Брисел и „добрите соседи“ им велат дека не се тоа што се – Македонци, додека од другата страна Албанците си задржуваат свои мотиви и стремежи „нашата земја“ да се интегрира во ЕУ, па и по цена на исчезнување на основните идентификациски белези на македонскиот народ во замена за добивање датум за преговори за некаква маглива „ЕУ – перспектива“. Во меѓувреме, на „ЕУ – слонот на стаклени нозе“, кој веќе се претвора и во геополитичко џуџе без авторитет и моќ да придонесува кон решавањето на проблемите во светската политика, му преостанува само да им „покажува мускули“, покрај Македонија, уште и само на своите мали држави – членки.
Но, и тие држави, кои поправо воопшто не се мали во штитењето на своето достоинство и суверенитет, умеат да му влепат шлаканица на официјален Брисел, како што се случи во средината на овој месец јули кога Уставниот суд на Полска одби да ги прифати мерките на Европскиот суд. „Привремените мерки кои највисокиот Европски суд му ги изрече на полскиот правосуден систем се спротивни на полскиот Устав“ – имаше објавено на 14.7.2021 година полскиот Уставен суд и со тоа ја зголеми напнатоста меѓу Варшава и Брисел на полето на владеењето на правото. „Во полскиот Устав не е можно да се пронајдат овластувања, според кои Судот на ЕУ може да ги суспендира полските закони, кои се однесуваат на системот на судовите на Полска“ – изјави судијата на полскиот Уставен суд Бартоломиеј Сохански. Оваа уставна пресуда во Полска е резултат на постапката, која Брисел ја покрена против Полска, а во рамки на барањето на Судот на ЕУ од минатата година Варшава да го суспендира Советот, кој е основан поради дисциплинирање судии.