„Слободна Далмација“: По ветото за ЕУ, Македонија цел на големосрпскиот и на големоалбанскиот проект

Хрватскиот весник „Слободна Далмација“ во авторски коментар оценува дека француското вето за старт на преговори на Европска унија со Македонија и со Албанија им одговара на големосрпскиот и на големоалбанскиот проект, двата со аспирации кон Македонија.

„Александар Вучиќ задоволно три раце, бидејќи концептот на привилегирано партнерство (на францускиот претседател Емануел Макрон – н.з.) е токму по мерка на неговата политичка стратегија и тактика: да се земат од ЕУ максимум пари од фондовите, да се имаат слободни раце за поврзување со Русија и за соработка со Турција и со Кина и да се оствари вечната српска политичка желба – на балкански хегемон. Не се слуша премногу жалење ни од Косово или од Албанија, бидејќи Макроновата концепција му одговара и на остварувањето на големоалбанските амбиции“, пишува дневниот лист од Сплит пред да се осврне на последиците по Македонија.

„Западен Балкан, извесно, повторно станува активно политичко игралиште на кое главниот натпревар ќе се игра меѓу два големодржавни проекта: големосрпскиот (Србија, Република Српска) и големоалбанскиот (Албанија, Косово), при што и двата имаат аспирации кон Северна Македонија. Преку нив на теренот ќе се судираат Русија (зад српскиот проект) и САД (зад албанскиот проект)“, објаснува весникот, кој не исклучува ни војна, ни промена на границите!

„Меѓу нив свој простор ќе бараат бошњачкиот панисламски проект поткрепен од Турција. Покрај сеприсутната Кина. Германското, односно влијанието на ЕУ, веќе е многу намалено, а ќе биде и повеќе. Во сето тоа не се исклучени ниту воени судири со низок интензитет, како ниту промена на границите“, предвидува „Слободна Далмација“.