Славјанка ја освојува Москва

Рано утро, некаде пред Холидеј ин, на паркинг. Воздухот ладен, а тензијата што лебди во него може да се сече со нож. Може е загадувањето што се сече, ама то не е битно.

Веќе пристигнуваат првите учесници во батаљонот на првата македонско-украинска бригада „Стојанче Ангелов“ спремни за да тргнат на Москва. Ги дочекува лично Славјанка, малку поспана и измрзната, но со одлучност во очите да го сочува територијалниот интегритет на Украина. Тргнувањето е тешко, двајца се успале па морала да им прави динге-динге на Вибер, а околу осум часот веќе се спремни за бој.

Славјанка влегува во автобусот, едната нога на совозачкото седиште, другата на таблата и извикува „Кон Москва!“.

Во тој налет на енергија ја крева и раката да покаже кон напред со што удира во ладната шофершајбна, повреда која итно треба да се санира. Брзата помош доаѓа после три часа и ја установува првата повреда во македонско-руската војна – модринка на показалецот.

„Ако треба ќе се гине“, воскликнува Славјанка, гледајќи на страна од болничарите, да не го гледа повредениот прст. Веќе е 12 часот, што е добро за нашата моќна сила и стратешки снегот се топи, значи може да се користат и патишта.

Министерката ги проверува сите дали се на број и тргнува во храбар бој.

Битката кај Предејане
Нашата моќна војска некаде после границата со Србија се соочува и со првиот непријател – гладот!

Министерката решава, стратешки ќе го заземат мотелот Предејане. Во акцијата нема жртви од наша страна, а од страна на плескавици настрадани има 54, а 17 се заробени и спакувани за понатаму, додека нашите НАТО сојузници ја ојачајуваат борбената готовност со по една Кока-Кола за цел батаљон.

По тактичкото користење на тоалетот и повелкувањето во автобусот, време е за следната станица – Москва! А Москва на гладно не се освојува.

Иде Славјанка низ Романију
Романија поминува без поголеми проблеми, уживајќи во природата покрај патот сите сонуваат за дома и мислите им се далеку од бојот кој ги чека. Можеби помалку на број, но со правдината како нивно оружје спремни да го одбранат територијалниот интегритет на Украина, во срцата им гори пламен.

По кратката пауза во Букурешт, за да остават пратки за македонските студенти таму што им ги пуштиле нивните од овде, наредна станица е – Москва!

Барем треба да е Москва, да не е молдавската полиција… Некаде пред Кишњев, заседа. Скриени во едни грмушки, камуфлирани, двајца молдавски полицајци. Или руски агенти, за да го спречат храбриот продор.

По деталната проверка на автобусот, заклучено е дека превозникот нема лиценца за меѓународни патувања, нема дополнителен возач за да го смени, најдена е муниција од типот Пират и Мега петарди, а и помошната гума е нешто со фалинка. Да се случи ова во Германија, ќе пропадне офанзивата, вака поминува со помали материјални штети од 50 евра во мито. А следната станица – Москва!

Тешка геостратешка грешка
После лесниот пат низ Украина, адреналинот пука. Време е за Русија! На хоризонтот се појавува таа голема земја, а нашиот мал батаљон е спремен да ја покори. На хоризонтот се појавува и гранична полиција, што бара документи.

– Добар ден. Каде? – прашува рускиот граничен полицаец.

– На Москва! – свикува Славјанка.

– Добро, немојте да викате. Пасош?

Славјанка храбро ги вади пасошите од пазуви. Како листа на херои, кои утре ќе се учат во историските читанки. Полицаецот внимателно ги разгледува.

– Немате визи – тивко вели полицаецот.

Тешка геостратешка грешка, што би рекол еден пензиониран Нобеловец. Во инвазија без визи… Планот за таа вечер триумфално да се сликаат на Црвниот плоштад пропаѓа во бирократијата поради лошото планирање. Може ние сме сила, ама закон е закон.

Пленот
Ги собира Славјанка пасошите и правец напад на фришоп. Малку парфеми, малку магнети со мотиви од Русија, по некоја вотка и цигари без акцизи и царини – тоа е пленот што е запленет. За прва акција, не е лошо, следниот пат со повеќе пари и искуство, ќе ги затвориме, си мисли Славјанка.

По враќањето во Скопје, време е да се пребројат жртвите. Четворица со болки во половината од долгото седење, укочени, двајца со киселини од јадењето. Сè на сè, успешна акција. Не стигнавме до Москва ама и утре е ден. Ќе пробаме.

Инвазијата

Помина

Одлично

И

Сите

Убаво

Си

Поминавме

Ти

Купив

Парфем

Кратко го брифираше министерката премиерот. Во нејзин стил.

Божидар Божиновски