Славиме рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица)

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица.

Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.

Во предвечерието на великиот празник синоќа беше отслужена вечерна богослужба во храмот посветен на Богородичното рождество во центарот на Скопје. Вечерната молитва беше проследена со литија околу централното градско подрачје.

Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица — еден од 12 големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица.

Таа е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.

Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ја празнува и слави Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Многу цркви го носат нејзиното име, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Меѓу народот овој празник се слави и со различни обичаи, посебно посветени на раѓањето. Се верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца.