Искрено, не паметам кога за последен пат сме имале состојба на толку голем дилетантизам во водењето на економските политики во земјава од страна на една влада како што е тоа во моментов. Премиерот ветува покачување на платите, а неговиот министер за економија планира инфлацијата која подолго време громко тропа на врата и ги празни џебовите на граѓаните, за да ја скротува со замрзнување на цените, а не кажува кои цени!

Вака Трајко Славески, поранешен министер за финансии и министер за развој, за Плусинфо ги коментира владините политики во областа на економијата и финансиите, како и најавата за замрзнување на цените, којашто предизвика интерес во јавноста.

– Прво, и на лаиците им е сосема јасно дека едното со другото не оди. Земји кои во минатото – би додал, во подалечното минато – биле соочени со галопирачка инфлација, доколку се одлучиле да посегнат по вака драстични мерки, истовремено вршат замрзнување и на платите и на цените. Ова беше честа практика во поранешната СФРЈ, а во инфлаторните 1970-ти години од минатиот век, замрзнување на платите и цените применија дури и некои развиени земји, како САД, Велика Британија и други.

Ако не знаете да ја контролирате инфлацијата, замрзнувањето на цените доведува до празни рафтови!
Трајко Славески, поранешен министер за финансии и министер за развој, предупредува дека не може истовремено да се ветува зголемување на платите и замрзнување на цените. Како Македонија се справи со ценовните шокови на светските берзи на храна и на енергија во 2007 и 2008 година?